Познати се сите возачи во Формула 1 за следната сезона! Последното место му припадна на 20-годишен Французин

Со денешното соопштение на Рејсинг Булс се комплетира списокот на возачи за новата сезона во Формула 1, а сега ги имаме сите 20 натпреварувачи кои ќе се натпреваруваат во 2025 година.

Последното, 20. место беше отворено во тимот на Рејсинг Булс, а го пополни 20-годишниот Французин со алжирско потекло Исак Хаџар.

Хаџер возеше за Кампос Рејсинг во Формула 2 оваа сезона и заврши на второто место во поредокот за возачи.

Заедно со него, од Формула 2 во Формула 1 се преселија шампионот Габриел Бортолето (Заубер), шестопласираниот Андреа Кими Антонели (Мерцедес) и дванаесеттиот Оливер Берман (Хаас).

За потсетување, новата сезона во Формула 1 започнува на 16 март во Австралија, а завршува на 7 декември во Абу Даби.

Што се однесува до промените на возачите за новата сезона, најголема е, без сомнение, онаа во Ферари, каде што ќе го видиме Луис Хамилтон покрај Шарл Леклер.