Полициски рации на три локации во северно Косово во врска со случајот Бањска

 Косовската полиција изврши денеска рации на три различни локации на северот на Косово, кои се поврзани со случајот Бањска, односно со вооружениот напад врз косовската полиција на 24 септември во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Веста во изјава за медиумите ја потврди заменик директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Елшани, кој информира дека рации се извршат во Северна Митровица и Звечане.

Елшани не даде информации дали е пронајден некој нов доказ во врска со случајот.

На 24 септември во нападот на униформирана и вооружена српска група беше убиен полицаецот Африм Буњаку. Во подоцнежната акција на полицијата, во борбите околу православниот манастир Бањска, загинаа тројца од напаѓачите, додека останатите успеаја да побегнат.

Одговорноста за нападот ја презеде поранешниот потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, Милан Радоичиќ, чиј имот во Косово полицијата го заплени. Не е потврдено дали локациите на кои беше извршена рација во средата се поврзани со името на Радоичиќ.