Полицијата: Нема пожар во кулата Блекпул

Едно лице е приведено поради нарушување на јавниот мир

Полицијата во Блекпул, во Ланкашир, Англија, по деталниот преглед соопшти дека не се точни првичните информации дека избувнал пожар во кулата Блекпул .

Според нив, причината за наводниот пожар на врвот на кулата е всушност портокаловата мрежа која мавтала на ветрот, поради што се добивал впечаток дека избувнал пожар. „Нашиот хеликоптер ја прелета кулата и нема пожар. Можеме да потврдиме дека она што може да се види е всушност портокалова мрежа“, соопшти полицијата во Ланкашир.

Во соопштението се додава дека едно лице е приведено поради нарушување на јавниот мир, пренесува Sky News.

Пред да се утврди дека не станува збор за пожар, противпожарната и спасувачка служба Ланкашир (LFRS) распореди шест противпожарни возила и спасувачки тим.

На местото на настанот биле присутни и претставници на локалната полиција, додека вработените се евакуирани од зградата, јавува Би-Би-Си.