Израелските власти денеска објавија дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) помилувале Израелка која првично беше осудена на смрт поради поседување дрога.
Фида Кидван беше уапсена на почетокот на 2021 година со половина килограм кокаин, за кој тврдеше дека не и припаѓа, објавија израелските медиуми.
ОАЕ, кои имаат строги закони за дрогата, подоцна смртната казна ја променија во доживотен затвор.
Портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи Лиор Хајат изјави дека Фида Киван синоќа се вратила во Израел откако била помилувана.
Кабинетот на израелскиот претседател Исак Херцог соопшти дека Израелката била помилувана на барање на Херцог до претседателот на Емиратите шеикот Мохамед бин Зајед ал Нахјан, кој се согласил да ја ослободи како „гест на добра волја“.
Израелските медиуми објавија дека Фида Кидван, која поседувала фото студио во Хаифа на северот на Израел, дошла во Дубаи да работи на покана на палестински познаник. Набрзо била уапсена бидејќи при претресот во нејзиниот стан била пронајдена дрога.
Во Емиратите постои смртна казна за некои кривични дела, вклучително и шверц на дрога.
Најстрогата казна, сепак, ретко се применува во таа земја, а последната беше изречена во 2017 година, кога со стрелање беше погубен маж обвинет за киднапирање, силување и убиство на осумгодишно момче.