Најмалку 11 лица загинаа, а 27 се водат како исчезнати во поплавите што го погодија Пекинг по рекордните врнежи од дожд, објавија денеска кинеските државни медиуми.
Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска ги повика властите да направат се за да го одржат бројот на жртвите од поплавите во северна Кина што е можно понизок и условите да се вратат во нормала што е можно поскоро, јави новинската агенција Ксинхуа.
Обилни дождови паѓаат четврти ден во Пекинг и околните градови, откако тајфунот донесе постојани врнежи и поплави во северна Кина, објави Ројтерс.
Пекинг за прв пат ќе користи резервоар за поплави изграден за обилни врнежи пред 25 години.
Во Пекинг од понеделникот вечерта се затворени повеќе од 100 планински патишта, а повеќе од 52.000 луѓе се евакуирани од своите домови.
Неколку линии на метрото во Пекинг, вклучително и западните предградија, денеска беа прекинати.
Речиси 400 летови беа откажани денеска, а стотици беа одложени на два аеродроми во Пекинг, според апликацијата за следење Flight Master.
Обилните континуирани врнежи доведоа до прекин на вода и струја и потешкотии во набавката на храна, објавија локалните медиуми, а тоа го потврдија и објавите на социјалните мрежи.
Областа Фангшан во Пекинг соопшти дека ќе распореди хеликоптери за испорака на храна, вода за пиење и итни резерви во селата во планинските области кои се отсечени.
Пекинг забележал просечни 260 милиметри дожд на метар квадратен од сабота до понеделник наутро.
Градската власт соопшти дека врнежите во изминатите денови ги надминале рекордите од силното невреме пред 11 години.
Во јули 2012 година, Пекинг беше погоден од најсилното невреме од основањето на модерна Кина.
Доксури, една од најсилните бури што ја погоди Кина, ослабе додека се движи кон внатрешноста, но властите предупредија дека постојат ризици од дополнителни поплави и лизгање на земјиштето.
Невреме со грмотевици се предвидува за денеска во Пекинг, како и во соседниот град Тијанџин и провинцијата Хебеи, објави државната телевизија CCTV.