Поради зголемувањето на државните субвенции, повеќето Германци сметаат дека повеќе не вреди да се работи
МНОЗИНСТВО Германци веруваат дека повеќе не вреди да се работи со оглед на зголемувањето на државните субвенции, покажа денеска објавеното истражување на јавното мислење. Според истражувањето на институтот ИНСА за весникот „Билд“, 52 отсто од испитаниците сметаат дека не вреди работата, 40 отсто го мислат спротивното, а осум отсто одбиле да одговорат на прашањето.
Вчера вниманието на јавноста го привлече веста дека магационер од Бад Ојнхаузен во западна Германија ја напуштил работата откако дознал за најновото зголемување на бенефициите за невработеност. Според најновата одлука на Владата, од 1 јануари 2024 година оваа помош ќе се зголеми за 61 евро и ќе изнесува 563 евра месечно за самец. Дополнително, државата ги покрива сите трошоци за домување и здравствено осигурување за примателите на помош.
Преовладува мислењето кај екстремната десница
Магационерот кој дал отказ, тврди дека со малку „прикриена работа“ и државна помош може да заработува повеќе месечно отколку на работа. Весникот Билд пресметал дека вработен кој работи за минимална саатница (моментално 13,90 евра) заработува околу 2.000 евра бруто, а по одбивањата за даноци, пензиско и здравствено осигурување и по плаќањето кирија и комуналии, му остануваат околу 600 евра, нешто повеќе од бенефиции за невработеност.
Повеќето од оние кои мислат дека повеќе не вреди да се оди на работа се гласачите на десничарската популистичка Алтернатива за Германија (AfD). Гласачите на партиите од владејачката коалиција, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Зелените и Либерално-демократската партија (ФДП) сметаат дека работата вреди.
Министерот за финансии Кристијан Линднер минатата недела рече дека бенефициите не треба да делуваат како дестимулација за оние кои сакаат да работат. „Најдобар начин за излез од сиромаштијата е да се биде вработен“, рече Линднер.
Претседателот на најголемата опозициска партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц изјави дека оние што ќе одат на работа на крајот на месецот мора да имаат повеќе во џебот од оние што добиваат државна поддршка.