– Јувентус може да го раскине договорот со тренерот Масимилијано Алегри и пред крајот на сезоната, тврди новинарот Џанлука Ди Марцио. Според изворот, тренерот би можел да добие отказ во наредните часови, бидејќи раководството на клубот не е задоволно од однесувањето на 56-годишниот стручњак по освојувањето на Купот на Италија. Тимот од Торино во финалето ја совлада Аталанта (1:0).
Претходно беше објавено дека Алегри го нападнал директорот на италијанскиот весник „Тутоспорт“, Гвидо Вакаго по финалето на Купот.
Алегри е на чело на Јувентус од мај 2021 година. Тој претходно беше тренер на тимот од Торино од 2014 до 2019 година. На два натпревари до крајот на сезоната, Јувентус е четврти во Серија А со 67 бодови.
Наводно, Алегри синоќа имал брутална пресметка со уредникот на Тутоспорт. Тренерот го турнал новинарот и мавтал со прстот велејќи: „Знам каде да те најдам. Ќе дојдам да ти ги скинам двете уши. Ќе дојдам да те удрам со тупаница по лицето, напиши ја вистината во твојот весник“.