Поради најавените протести во Израел, пристигнувањето на американскиот министер за одбрана Лојд Остин во земјата е одложено за кусо време, а има промена и во изборот на локациите каде што ќе се сретне со израелските власти, изјави денеска американски претставник.
Официјалниот претставник додаде дека одлуката за промените е донесена на барање на израелската Влада, пренесуваат британските медиуми.
-Израелските официјални лица инсистираа да се смени локацијата на состанокот и рекоа дека се загрижени поради планираните протести во близина на седиштето на Министерството за одбрана, изјави американски претставник.
Девета недела по ред, во саботата, десетици илјади демонстранти излегоа на улиците на израелските градови протестирајќи против планот на владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху за ревизија на судскиот систем во земјата.
Демонстрантите се противат на предложениот закон на Нетанјаху, кој ќе ги ограничи овластувањата на Врховниот суд да донесува пресуди против законодавната и извршната власт, додека на пратениците ќе им се даде овластување да одлучуваат во процесот на назначување судии.