Порака на Лавров до ЕУ: Изгубивте

Европската унија загуби најмалку 250 милијарди евра поради санкциите против Руската Федерација.

Ова го изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на состанокот на шефовите на дипломатските претставништва.

„Не се кријат целите на санкциите – да се поткопа руската економија, да се принуди политичкото раководство да се откаже од независната линија во надворешната политика, да го сврти населението против владата – тоа е директно декларирана цел“, нагласи Лавров, пренесува Известија.

Според него, западните земји сакаат да ја уништат светската економија за да и „дадат лекција на Москва“.

„Руската економија, како што произлегува од бројните статистички податоци наведени од претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, се прилагодила на санкциите и покажува висока стабилност, а годишниот раст на рускиот БДП ќе биде близу три проценти, опсег од 2,8 до 2,9 проценти“, изјави Лавров.

Министерот за надворешни работи на Русија смета дека водечките економии на Европа се најмногу погодени од санкциите против Русија „кои се охрабрени и зајакнати пред се од Вашингтон“.

САД наметнуваат скап течен природен гас (ЛНГ) на Европа и ги принудуваат европските компании да се преселат во странство заради помали оперативни трошоци, а во исто време продолжуваат да купуваат руски ураниум и други критични материјали, заклучи Лавров.