Поранешниот секретар на НАТО, лорд Џорџ Реобертсон, изјави дека војната во Украина е егзистенцијална закана за Западот, а исто така и за Западен Балкан.
На Самитот „Балкански држави 2024“ тој изјави дека опасноста од руското влијание постои, но, според него, тука не е вклучена само воената закана и оти руското влијание „ги ослабува и институциите на демократските земји“.
„Русија и нејзините сојузници како Кина, Иран, можат да користат техники за да ги ослабат нашите општества. Сајбер војната и мешањето во изборите продолжуваат и ги ослабуваат нашите демократски институции. Треба да се разбудиме со фактот дека ако Путин победи во Украина, можеме да очекуваме да видиме повеќе од ова во иднина“, рече Робертсон.
Поранешниот секретар на НАТО додаде дека Русија инвестира „во војната на сивиот сектор“, и дека според него оваа инвестиција се прави и во Западен Балкан.
Робертсон ја спомена вмешаноста на Западот во текот на 1990-тите за да се запрат војните и етничкото чистење на режимот на Слободан Милошевиќ против Албанците.
„Бевме принудени повторно да преземеме акција против паравоените сили на Слободан Милошевиќ, кои се обидоа да извршат етничко чистење на Косово. Кога бев секретар за одбрана на ОК, јасно ставив до знаење дека силите на Милошевиќ мораа да заминат и бегалците се вратија. Исклучително е важно да се нагласи дека вклученоста на меѓународната заедница беше важна основа за политичка стабилност и економски просперитет“, рече тој.