Поранешниот командант на воздухопловните сили кој го критикуваше Путин, е пронајден мртов покрај сопругата, а потоа нивните тела исчезнале …
Руските медиуми јавуваат дека не се пронајдени траги од насилната смрт на генерал-полковникот и неговата сопруга и дека се уште се истражуваат околностите на смртта.
Одликуваниот генерал-полковник Владимир Свиридов (68) и неговата сопруга Татјана (72) беа пронајдени мртви набргу откако висок руски воен офицер го критикуваше Владимир Путин за, како што рече, армијата од „трета класа“. Поранешниот командант на руската противвоздушна одбрана своевремено го критикуваше Путин за тоа што руската авијација денес е „третокласна“, пренесува Слободна Далмација.
Инспекторите не можеа да утврдат како починале Свиридов и неговата сопруга Татјана. Но, тука не е крајот на бизарноста во оваа приказна: откако брачната двојка била пронајдена мртва во нивната куќа во селото Аџиевски во Ставрополската област, телата исчезнале, открива The Sun.
Така, властите не можеле да ја утврдат точната причина за нивната ненадејна смрт, објавија локалните медиуми.
„Работниците на гасната постројка извршиле мерења и не е откриен вишок на дозволена концентрација на штетни материи“, е единственото што пишува во извештајот за нивната бизарна смрт.
Генералот Свиридов еднаш командуваше со 6-та армија на руските воздушни сили и воздушна одбрана од 2005 до 2009 година. Добитник е на Орден на Црвена звезда и низа други награди. Тој ја напушти улогата на командант на 54-годишна возраст по серијата остри коментари за руските вооружени сили.
Во 2007 година, тој се пожали во интервју за руското списание Take Off дека пилотите не добиваат соодветна обука.
„Пилот мора да има околу 100 часа лет годишно за целосна борбена готовност“, рече тој тогаш. „Сепак, тоа сè уште не е случај. Просечното време на летот во војската моментално е 25 до 30 часа“.
Во друго појавување, тој се пожали: “Принудени сме да назначуваме нецелосно обучени офицери бидејќи нема подобри. Од истата причина, испраќаме пилоти од трета класа во воените академии. Тоа не се случуваше во минатото!”
Државната новинска агенција РИА Новости објави дека не се пронајдени траги на насилна смрт и дека се уште се истражуваат околностите на смртта.