ПОРАНЕШНИОТ ПРЕМИЕР НА ИЗРАЕЛ: Светот треба да дојде и да помогне во Појасот Газа, тоа не е наша грижа, тоа е исто како Британците да се грижат за Франција

Нафтали Бенет, поранешен премиер на Израел, денеска изјави дека хуманитарната криза во Појасот Газа „не е грижа на Израел“.

Би-Би-Си наведува дека Израел го контролира воздушниот простор над Појасот Газа, како и морскиот појас на палестинската енклава, а движењето на луѓе и стоки таму е под строга контрола.

– Светот може да дојде и да им помогне на жителите на Појасот Газа, тоа не е наша грижа – изјави Бенет за британскиот медиумски сервис на прашањето дали Израел ќе дозволи испорака на поголема хуманитарна помош за Појасот Газа.

Бенет рече дека хуманитарната акција мора да биде реципрочна, потсетувајќи на заложниците што ги држи Хамас.

На ова следеше забелешката на новинарот на Би-Би-Си дека на Израел е да покаже дека се бори против Хамас, а не против палестинскиот народ.

– Ние не сме одговорни за Појасот Газа како што вие (Британците) не сте одговорни за Франција. Ако другите сакаат да се грижат за жителите на Појасот Газа, тоа е нивна работа – изјави поранешниот премиер на Израел.