Поранешно чудо од дете ја завршува кариерата на 28 години: „Тоа беше најлошото нешто што ми се случило“

Поранешното „чудо од дете“ на Челзи, Чарли Мусонда, објави дека се повлекува од професионалниот фудбал на 28-годишна возраст.

Белгискиот фудбалер, на кого некогаш му се предвидуваше брилијантна кариера како онаа на Еден Азар, донесе тешка одлука поради низата сериозни повреди што го следеа со години. Иако млад, Мусонда одлучи дека повеќе не може да игра на врвно ниво.

Срцепарателна исповед

Во емотивно видео објавено преку платформата „Рајзинг Балерс“, Мусонда го објави своето пензионирање од фудбалот.

„Не е лесно, но е нешто за кое размислувам долго време. Откако размислив за моите искуства и тоа кој сум јас, сфатив дека сакам да живеам со цел – да ги инспирирам и мотивирам другите.“

Мусонда особено нагласи колку му било тешко да го напушти Челзи – клубот каде што се етаблираше и чиј дрес го носеше со голема гордост.

„Напуштањето на Челзи ме уби психички. Тоа беше најлошото нешто што ми се случило“, рече тој, додавајќи:

„Се вратив на тренинзи со резервите, бев воодушевен што можев повторно да играм, но работите се искомплицираа пред почетокот на следната сезона. И тоа беше крајот на моето време во Челзи.“

Средба со Тухел и пропуштени можности

Мусонда се потсети и на кратката средба со тогашниот тренер Томас Тухел.

„Тој само ми рече: „Како си? Се радувам што повторно ќе те видам“. Во мојата глава тоа значеше дека ќе се вратам во првиот тим, но предсезоната донесе поинаков епилог.“

Иако имаше надежи дека ќе се бори за место во првиот тим, постојаните повреди и позајмувањата во Реал Бетис и Витезе му го оневозможија продолжувањето.

Од голема надеж до тивка порака за збогум

Мусонда некогаш се сметаше за еден од најталентираните млади фудбалери во Европа, а многумина веруваа дека ќе ги следи стапките на Азар. Сепак, неговата кариера никогаш не ги достигна височините предвидени за него.

Тој одигра само неколку натпревари за првиот тим на Челзи, и иако покажа блесоци на талент во неколку наврати, преовлада тешка комбинација од повреди и несреќни околности.

Нова мисија: помагање на другите

И покрај разочарувањето, Мусонда не покажува огорченост. Напротив, тој планира да им помогне на новите генерации играчи.

„Сè уште сум млад, но сакам да им помогнам на фудбалерите кои немаат шанса да го покажат својот талент. Знам какво е тоа. Фудбалот се менува и многумина никогаш не добиваат шанса. Сакам да направам разлика.“