Портпаролот на Европската комисија: Земјите од ЕУ ќе одлучат како да продолжат со дијалогот Србија-Косово
– Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, рече дека земјите членки ќе бидат информирани за понатамошните насоки за тоа како да пристапат кон дијалогот меѓу Србија и Косово.
Стано на прес-конференција по разговорите во рамките на дијалогот предводен од ЕУ во Брисел рече дека состанокот во четвртокот не донел напредок бидејќи ЕУ не ја гледа подготвеноста на страните за изнаоѓање компромис.
ЕУ ги повика српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во средата да преземат одговорност и да го имплементираат договорот постигнат со посредство на ЕУ за нормализирање на односите.
Договорот, меѓу останатите точки, вклучува и признавање на Косово како независна држава од страна на Србија, што високи српски претставници го отфрлија.
Стано истакна дека страните не се подготвени да ги надминат разликите.
Нагласи дека ЕУ им помага на Србија и на Косово да ги премостат разликите, но дека тоа не може да биде успешно ако страните одбиваат да го следат патот на компромисот и ако некој не сака помош.
„Ние сме во сериозна ситуација и високиот претставник јасно кажа дека Србија и Косово се изложени на ризик да заостанат зад остатокот од регионот во процесот на европски интеграции“, рече тој.
Стано изјави дека специјалниот пратеник за дијалогот, Мирослав Лајчак, ќе ги информира земјите членки за рундата од дијалогот, а потоа 27-те земји ќе одлучат како да продолжат понатаму.
Во меѓувреме, Германија изрази загриженост за исходот од средбата меѓу Вучиќ и Курти.
„Многу е разочарувачки што средбата за дијалогот меѓу Србија и Косово повторно беше неуспешна. Опструкцијата нема да нé извлече од кризата. Дијалогот за нормализација предводен од ЕУ е единствениот пат до решение. Германија ќе продолжи интензивно да работи со своите партнери на ова“, изјави портпаролот на германската Влада Штефен Хебестрајт.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, во четвртокот ги предупреди лидерите на Косово и Србија дека нема да бидат дел од следната рунда проширување на ЕУ доколку не успеат да ги нормализираат односите.
Тензиите се зголемија во мај во северно Косово по општинските избори во областите со доминантно етничко српско население до тој степен што НАТО распореди уште 700 војници во мировната мисија КФОР, откако 93 негови војници беа повредени.
Започнат во 2011 година, Дијалогот Белград-Приштина предводен од ЕУ има за цел да ги нормализира односите меѓу двата балкански соседи и да изнајде заемно прифатливо решение за споровите во рамките на правно обврзувачки договор.
Косово ја прогласи својата независност од Србија во 2008 година.