ПОСЛЕ 108 ЧАСА- Уште едно лице спасено од урнатините во Туркије

Акцијата за спасување траела околу пет часа

Уште едно лице е спасено од урнатините на зграда во Кахраманмарас, 108 часа по разорните земјотреси што во понеделникот ја погодија јужна Турција.

Припадниците на противпожарната служба во Бурса од под урнатините на една четирикатница го извлекле 31-годишниот Неџип Нануа, по потекло од Сирија.

Акцијата за спасување траела околу пет часа. За жал, едногодишно дете кое било под истите урнатини не било спасено. Под урнатините се пронајдени седум безживотни тела од исто семејство.

Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала ги погодија во понеделник јужните делови на Турција со епицентар во Кахраманмарас. Бројот на загинати досега надмина 18.000, а бројни спасувачки тимови се уште ревносно работат на операциите за пребарување и спасување на луѓето затрупани во урнатините на зградите.

Повеќе од 3.300 луѓе загинаа во Сирија, додека повеќе од 5.000 луѓе се повредени по серијата земјотреси што ја погодија Турција.