Поставени фотоволтаици за производство на струја на покривот од Основното училиште „Гоце Делчев“ во Неготино
Поставени се фотоволтаици за производство на струја на покривот од Основното општинско училиште „Гоце Делчев“ во Неготино, информираше попладнево директорката на училиштето Елена Стојанова. Вкупната вредност на проектот е 2.573.311.55 денари. Училиштето постои 50 години и овде се школуваат 778 ученици, заедно со подрачните училишта.
– Поставувањето на фотонапонски панели ќе доведе до голема заштеда во буџетот на училиштето, што во голема мера ќе придонесе за реализација на идни проекти за унапредување на воспитно-образовната дејност, појасни Стојанова за МИА.
Таа нагласи дека проектот е со тендеција за користење во зимскиот период, при искористување на сончевата светлина за да се заштеди на нафта.
Изведувач на работите е Алкито експорт импорт дооел Неготино. Стојанова појасни дека за фотоволтаиците имаат 25-годишна гаранција.
Таа најави дека наскоро се очекува фотоволтаици да бидат поставени и во подрачното училиште во селото Долни Дисан, каде што има деветтолетка.