– Катар објави дека е постигнат договор меѓу Израел и Хамас, кој вклучува испорака на лекови и хуманитарна помош за цивилите во регионот, во замена за испорака на лекови за израелските заробеници кои се држат во Појасот Газа.
Портпаролот на катарското МНР, Маџид ал-Ансари, изјави дека во замена за испораката на лекови за израелските заробеници во Појасот Газа ќе биде обезбедена пратка лекови и хуманитарна помош за цивилите во блокираната енклава, особено за најзагрозените и најоштетените подрачја.
Тој наведе дека е постигнат договор меѓу Хамас и Израел за негова имплементација.
Ал-Ансари наведе дека овој договор е постигнат со посредство на Катар и Франција.
Нагласувајќи дека лековите и помошта ќе бидат пратени во египетскиот град Ел-Ариш со два авиона на Вооружените сили на Катар, од каде што ќе бидат префрлени во Појасот Газа, Ал-Ансари рече дека Доха ќе продолжи да вложува напори со регионалните и меѓународните партнери да се стави крај на војната во Појасот Газа.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбените објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1 декември, по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се загинати најмалку 24.285 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 61.154 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Според израелската војска, во Појасот Газа сѐ уште се заробени 136 Израелци.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртви на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.