Почина поранешниот агент на ФБИ кој шпионирал и за САД и за Русија цели 20 години и заработил вртоглава сума на пари

Роберт Хансен, поранешен агент на ФБИ, кој стана шпион и предизвика најголема штета во историјата на американската агенција, во понеделникот е пронајден мртов во својата ќелија, објавија американските власти.

Роберт Хансен (79 г.) беше осуден на доживотен затвор во 2002 година, откако призна дека шпионирал за Советскиот Сојуз, а подоцна и за Русија повеќе од 20 години.

Вработените во затворот се обиделе да го спасат Роберт Хансен откако тој бил пронајден во несвест во понеделникот, но не успеале, соопштила затворската управа за тамошните медиуми, а причината за смртта не е соопштена.

Роберт Хансен

Роберт Хансен се приклучил на ФБИ во 1976 година и во 1985 година започнал да продава доверливи информации на Советскиот Сојуз.

Кога бил уапсен во 2001 година, тој добил повеќе од 1,4 милиони долари во готовина, банкноти и дијаманти, во замена за компромитирање на бројни агенти, разузнавачки техники и доверливи американски документи, се наведува на веб-страницата на ФБИ.

Тој ја издржувал доживотна затворска казна во затвор со максимална безбедност во Колорадо.