ПОЧИНА ПОСЛЕДНИОТ КУМ НА КОЗА НОСТРА – Безмилосниот убиец по 30 години бегство ‘падна’ поради болест: “Шест пати по ред беше осуден на доживотен затвор“

Почина италијанскиот мафијашки бос, Матео Месина Денаро, кој беше уапсен во јануари откако помина 30 години во бегство, објави во понеделникот медиумската агенција ANSA, пренесува Reuters.

Матео Месина Денаро (61 г.) во моментот на апсењето боледувал од рак на дебелото црево.

Бидејќи неговата состојба се влошила во последните недели, тој бил префрлен во болница од затвор со максимално обезбедување во централна Италија.

Матео Месина Денаро не побарал агресивен медицински третман, додавајќи дека докторите престанале да го хранат откако било прогласено дека е во неповратна кома.

Токму неговата одлука да започне лекување резултираше со негово апсење по посетата на клиниката во главниот град на Сицилија, Палермо.

Матео Месина Денаро

По апсењето, Матео Месина Денаро шест пати по ред беше осуден на доживотен затвор и затворен во максимално обезбедуван затвор во Аквила каде според достапните информации продолжил со лекувањето.

Познат по прекарот Диаболик, име на криминалец и протагонист на познатиот италијански стрип чиј обожавател и самиот, Матео Месина Денаро беше долгогодишен кум на Коза Ностра во западната сицилијанска провинција Трапани, иако неговата моќ се прошируваше на Палермо.

Тој беше безмилосен убиец и последен претставник на старата гарда на Коза Ностра.

Во 1992 година, тој беше дел од групата мафијаши испратени во Рим од тогашниот мафијашки бос Салваторе Риина (1930-2017) за да го убијат судијата Џовани Фалконе, познат борец против мафијата. Тие успеаја во бомбардирањето на 23. мај во близина на Палермо.

Матео Месина Денаро исчезна во летото 1993 година и стана најбараната личност во Италија. Во годините што следеа интензивно се бараше по него.

На крајот било утврдено дека тој престојувал недалеку од родниот град Кастелветрано во западна Сицилија. По долгогодишно прислушување на членовите на неговото семејство и пријателите, полицијата на крајот го пронашла Матео Месина Денаро и го уапсила во приватна клиника во Палермо каде дошол на редовен медицински преглед.