“ПОЧИТУВАН ПАПА, КОЈ ГО СОЗДАЛ БОГ ?“ – Писмо на 7-годишна девојка до поглаварот на Римокатоличката црква го привлече вниманието на целиот свет
„Ако Бог ги создал светот и луѓето, кој го создал Бог ?“.
Ова прашање го напишала во писмо 7-годишно девојче од Флеро во провинцијата Бреша кое било испратено до папата Франциско. Имено, детето по часот по веронаука им поставило прашање на родителите, бабата, роднините и учителката. Бидејќи не добила задоволителен одговор, по совет на нејзините родители, во јуни му пишала писмо на поглаварот на Римокатоличката црква.
Неодамна одговор стигна и од Ватикан. Не го носеше потписот на папата, туку потписот на неговиот соработник, монсињор Роберто Кампизи, напишан на хартија со печат на Државниот секретаријат и гласи:
„Светиот Отец го прими вашето прекрасно писмо, ви се заблагодарува за вашиот гест на љубов и сака да ве информира дека се моли со вас, за да растете со искрена желба да го запознаете и љубите Христа“.
Дон Алфредо Скарони, свештеникот на тамошната парохија, рекол дека одговорот не ја задоволил девојката, но ја уверил велејќи:
„Одговорот е таму, многу е сложен, ќе го разберете кога ќе пораснете“.
Од друга страна, семејството на девојчето е пресреќно што добило одговор во ваква форма.
Родителите не се впуштиле во којзнае какво теолошко расудување, свештеникот изјавил дека се среќни што го примиле писмото и благословот од папата, а девојката еден ден ќе мора сама да го најде одговорот.