ПО ДЕСЕТ ГОДИНИ ОД НЕСРЕЌАТА ПРОТЕКОА НОВИ ДЕТАЛИ – Еве зошто семејството на Михаел Шумахер ги крие информациите за неговото здравје

Овој 29. декември ќе се навршат точно десет години од страшната несреќа што ја доживеа Михаел Шумахер.

Еден од најголемите Формула 1 возачи на сите времиња падна на скијање на француските Алпи тој ден и се здоби со тешки повреди на главата.

Иако е еден од најголемите спортисти на сите времиња, оттогаш многу малку се знае за неговото здравје. Или подобро кажано, апсолутно ништо.

Одвреме-навреме неговите пријатели кажуваат неколку зборови по посетата кај него, но никогаш ништо конкретно. Додека семејството на Михаел Шумахер, особено неговата сопруга Корина, одамна немаат дадено никакви изјави.

Зошто е тоа така, објасни адвокатот на семејството Шумахер во последните 15 години, Феликс Дам.

Феликс Дам проговори за начинот на кој сопругата на Михаел Шумахер, Корина, се бори за неговото здравје и зошто се уште нема официјален извештај за неговата состојба.

Сè уште во мојата глава ја имам сликата на бројни новинари и фотографи кои со денови чекаа информации пред болницата во Гренобл по несреќата. За да се намали притисокот, првите општи информации за повредите беа дадени на прес-конференции на кои беа присутни и докторите што го лекуваат Михаел Шумахер. Дотогаш, секоја вест за здравствените состојби беше апсолутно табу“, вели адвокатот.

Феликс Дам изјави и дека семејството долго време размислувало преку медиумите да објави што се случува со Михаел Шумахер.

Отсекогаш се работи за заштита на приватноста. Се разбира, многу разговаравме за тоа, а исто така размислувавме дали конечниот извештај за здравјето на Михаел Шумахер може да биде вистинскиот начин да го направиме тоа. Но, тоа нема да биде крајот. Ние ќе мораме да продолжиме да ги ажурираме извештаите… Медиумите, повторно и повторно, ќе прашуваат: Како е сега, како изгледа сега ?“, вели адвокатот на семејството.

Феликс Дам верува дека повеќето обожаватели на Михаел Шумахер ја разбираат и ја почитуваат одлуката на семејството да бара приватност.

Тие го почитуваат фактот дека несреќата започна процес каде приватноста е неопходна. Верувам дека огромното мнозинство обожаватели можат добро да се справат со тоа. Што се однесува до медиумите, бев изненаден од тоа колку известуваат и покрај тоа што нема веродостојни информации.Тие создаваат приказни кои не постојат“.

Речиси десет години од несреќата, малку се знае за состојбата на Михаел Шумахер. Се зборуваше дека тој се разбудил од кома шест месеци по падот, дури и можел да оди и да комуницира.

Сето тоа адвокатите го демантираа, а ги тужеа и медиумите кои кажаа лаги за седумкратниот светски шампион. Bunte уште во 2016 година напиша дека Михаел Шумахер се опоравил, дека оди и мрда со едната рака, додека Bild пишуваше дека сам ги отвора очите и дише. Дека тоа е далеку од вистината потврди и неговиот син Мик Шумахер, во интервјуто кое го даде во 2021 година:

Мислам колку би било одлично да разговарам со татко ми, како возач со возач. Би дал се за да го имам тоа…“, изјави тој.

Феликс Дам заклучил зошто не треба да се шпекулира.

Едно списание објави на својата насловна страница ‘Тој повеќе не е со нас’, алудирајќи на фактот дека Михаел Шумахер починал. Тие лажни информации ги чинеа 100.000 евра. Не знам дека некој мора да плати повеќе за објавените лажни вести“, вели тој.