По Либија, ураганот „Даниел“ ја зафати Газа

– Голем број куќи во Појасот Газа денес се поплавени по поројните дождови предизвикани од ураганот „Даниел“, соопштија официјални лица.

По предизвиканата огромна материјална штета и големиот број загинати во Либија, ураганот стигна и до палестинските територии доцна синоќа.

„Нашите екипи учествуваа во десетици акции поврзани со ураганот што ова утро го зафати Појасот Газа“, изјави портпаролот на палестинската Служба за цивилна заштита во Газа, Махмуд Басал.

Тој потврди дека се поплавени многу куќи.

Палестинската метеоролошка агенција ги предупреди граѓаните на „можни поројни дождови во некои подрачја“.

Ураганот „Даниел“ одзеде над 6.000 животи во источните делови на Либија, а неколку илјади се водат за исчезнати.

Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина во понеделникот објавија дека по поплавите над 10.000 лица се водат за исчезнати.

Поројните дождови како последица на силниот ураган во неделата зафатија неколку подрачја на истокот на Либија, меѓу кои и Бенгази, Ал Бајда и Ал-Марџ, како и Соуса и Дерна.