По осмата Златна топка, Лионел Меси зборуваше за Кристијано Роналдо: “Лесно е да се стигне до таму, но тешко е да се остане…“
Лионел Меси е дефинитивниот победник на битката за Златната топка, која ја водеше во текот на неговата кариера со својот најголем ривал, Кристијано Роналдо. Аргентинецот во својата колекција има осум од најпрестижните индивидуални фудбалски награди, додека Португалецот остана на пет.
Во изјавата по доделувањето на наградата во Париз, Лионел Меси се осврна и на неговото ривалство со Кристијано Роналдо.
„Тоа беше голема битка од спортски аспект. Го негувавме нашето меѓусебно ривалство бидејќи и двајцата сме големи конкуренти. И, исто така, тој секогаш сакаше да освои сè, цело време. Беше тоа време за двајцата во кое многу уживавме, како и сите што го сакаат фудбалот“, изјави 36-годишниот Аргентинец.
Двајцата беа на врвот речиси две децении, но годините го земаат својот данок. Кристијано Роналдо сега е во Саудиска Арабија, а Лионел Меси во САД.
„Мислам дека заслужуваме големо признание што успеавме да останеме на врвот толку долго. Бидејќи, како што велат, лесно е да се стигне до таму, но тешко е да се остане. И останавме во врвот 10, 15 години. Многу е тешко и спектакуларно да се остане на тоа ниво. И мислам дека тоа останува во драго сеќавање на сите што не следеа“, заклучи Лионел Меси.