ПО ПОСЕТАТА НА ПУТИН НА ПОЛУОСТОРОТ СТИГНА МОЌЕН АМЕРИКАНСКИ БРОД: Во Јужна Кореја пристигна „чудовиште“ на нуклеарен погон

Американскиот носач на авиони на нуклеарен погон „Теодор Рузвелт“ денес пристигна во јужнокорејскиот пристанишен град Бусан на заеднички воени вежби овој месец со земјата домаќин и Јапонија, соопшти јужнокорејската морнарица.

Лидерите на трите земји се договорија за вежбите минатата година во август на самитот во Кемп Дејвид, потсетува Ројтерс.

За време на вежбата „Работ на слободата“, морнариците на трите земји ќе вежбаат поморска и противподморничка војна, како и противвоздушна одбрана, изјави американскиот контраадмирал Кристофер Александар.

– Намерата е да се подобри интероперабилноста на нашите морнарици и да се обезбеди подготвеност за одговор на каква било криза или непредвидена ситуација – изјави тој за новинарите и додаде дека носачот Рузвелт ќе биде команден брод на вежбата.

Минатата година трите земји веќе одржаа заеднички воени вежби поради заканите од Северна Кореја.

Рускиот претседател Владимир Путин ја посети Северна Кореја оваа недела за прв пат по 24 години и потпиша договор со лидерот Ким Џонг Ун за заедничка одбрана во случај на напад на една од двете држави.