Поради загриженоста дека турската актерка Џансу Дере е исчезната по разорниот земјотрес што ја погоди земјата, нејзините обожаватели тврдат дека таа е жива и помага во хуманитарна кампања за помош на оние кои останаа без покрив над главата.
Откако локалните медиуми објавија дека постои можност Џансу да е исчезната и дека нејзината куќа се наоѓа на место погодено од земјотресот, многу нејзини обожаватели изразија загриженост на социјалните мрежи.
Сепак, се чини дека немаше причина за тоа бидејќи другите обожаватели на актерката споделија видео на кое може да се види како таа помага при собирањето средства.
Во клипот, кој беше објавен на 10 февруари, се гледа како таа помага да се спакува пакет заедно со другите колеги актери.
„Пакетите се товарат во камиони од рака на рака, Јеникапи сè уште е центар на солидарност. Во центарот, каде што уметниците доаѓаат да дадат поддршка, волонтерите продолжуваат да работат 24 часа на ден“, се наведува во описот.
Истата снимка потоа била споделена на други платформи, а авторите конкретно посочиле во кој момент се појавила актерката за да ги смират загрижените обожаватели.