ПО УНИШТУВАЊЕТО НА БРАНАТА – Функционерот откри која би можела да биде следната цел на Путин: „Тој сега е подготвен на се, експлозивите се веќе таму“

По уништувањето на браната Нова Каховка во Украина, Русија би можела да планира напад на нуклеарната централа Запорожје, тврди висок функционер на украинската безбедност.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за уништување на браната Нова Каховка, што резултираше со катастрофални последици во регионот Херсон.

„Уништувањето на еден од најголемите резервоари за вода во Украина секако беше намерно. Стотици илјади луѓе останаа без пристап до вода за пиење“, рече тој.

Олекси Данилов, висок украински безбедносен функционер, не се оддалечи од обвинувањата против Русија, која го нарече уништувањето на браната „нова фаза на руска агресија“ и предупреди во интервју за Тајмс дека блиската нуклеарна централа Запорожје може да биде следната цел на рускиот претседател Владимир Путин.

Споменатата електрана е под руска контрола од почетокот на војната и ладењето на нејзините реактори зависи од водата што доаѓа од акумулацијата.

„Факт е дека таму има експлозиви“, тврди Данилов и додаде дека Путин е „подготвен на се“ откако ја уништи хидроцентралата заедно со браната.

За време на војната, Запорожје претрпе бројни удари, поради што постои страв од нуклеарна катастрофа. Минатата година ракета погоди еден од нејзините реактори, за што Украина и Русија меѓусебно се обвинуваа. Руските сили се обвинети и дека ја претвориле централата во воена база каде што се безбедни од Украинците.

Рафаел Гроси, шеф на Меѓународната агенција за атомска енергија, рече дека уништувањето на браната не претставува краткорочен ризик за Запорожје, но додаде дека ја влошува и онака непредвидливата и небезбедна ситуација.