Германската индустриска и трговска комора (ДИХК) во петокот предупреди на можни прекини на производството и недостиг поради конфликтот во Црвеното Море.
„Најголемите делови од европско-азискиот сообраќај минуваат низ Црвеното Море и Суецкиот канал, така што важните делови и суровини за германската индустрија моментално не пристигнуваат навреме“, рече претставникот на ДИХК Фолкер Трејер.
Тој изјави дека подолгото време на испорака и зголемувањето на трошоците за транспорт и осигурување наскоро може да се рефлектираат со зголемување на крајните цени.
„Првите магацини се веќе празни и видливо е влијанието врз производните процеси“, рече Трејер.
Претходно, производителот на автомобили „Тесла“ објави дека има прекин на производството во неговата фабрика во Груенхајде во близина на Берлин поради доцнење на делови од Далечниот Исток.
Според податоците на економскиот институт IfV, контејнерскиот сообраќај низ Црвеното Море е намален за 70 отсто, а најголемата германска бродска компанија Hapag-Lloyd зборува за месечни загуби во „високо двоцифрени милиони“.
Истовремено, претставникот на Германската трговска асоцијација, Штефан Гент, нагласува дека и покрај намалениот сообраќај од Далечниот Исток, потрошувачите не мора да стравуваат од недостиг во малопродажбата.
„Малопродажните синџири одамна се преориентираат на повеќе синџири на снабдување, така што снабдувањето не зависи само од еден извор“, рече Гент.
Празните полици во супермаркетите во одредени германски региони оваа недела се првенствено резултат на блокадите на германските автопатишта поради протестите на земјоделците.