Пратеникот Николоски на конференција за млади лидери во Брисел

– Пратеникот Александар Николоски во својство на претседател на Националниот совет за евроинтеграции учествува на дводневна конференција на високо ниво за европски млади лидери во Брисел во организација на тинк-тенкот „Пријателите на Европа”.

Како што се наведува во соопштението од Собранието, оваа конференција на високо ниво предвидува дебати за начините за поттикнување на граѓански активизам, трансформација на општествата, обновување на социјалниот договор и неговото влијание врз различни сектори, од климатските иновации до градењето демократија и креирање нови политики.

На конференцијата во Брисел активно учество ќе земат високи политичари од ЕУ и влијателни личности од цела Европа. Дел од учесниците се потпретседателка на Европската комисија, Вера Јоурова, естонската премиерла Каја Калас, новинарот и добитник на Пулицеровата награда, Бастиан Обермајер, основачот на „Винтед“, Јустас Јанусакас и други личности кои што се влијателни и значајни за општествените промени и случувањата во државите од кои доаѓаат.

Николоски учествува на оваа конференција на високо ниво како резултат на неговиот избор во 40 највлијателни млади лидери под 40 години во Европа и ќе има можност да се обрати и да ги претстави ставовите и погледите за иднината на Европа, како и за политичките случувања во регионот и кризата со која се соочува Европа.

Пратеникот Николоски ќе оствари бројни билатерални средби на кои ќе информира за актуелните случувања, политичката и економска состојба во државата, се посочува во соопштението од Собранието.