Првата дама на државата Ѓоргиевска апелира: “Социјализацијата е особено важна за лицата со аутистичен спектар“

Потребна е сеопфатна студија за да се види колкав процент и број на лица со аутистичен спектар има во земјава, со цел да се изработат адекватни законски решенија и да се овозможи планирање на бројот на асистенти“, истакна Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот на државата Стево Пендаровски, на панел-дискусијата „Пристап кон аутизмот“ што се одржа во Европска куќа по повод одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свесноста за аутизмот.

Бројот на лицата со аутистичен спектар се зголемува, иако го немаме точниот број. Секојдневно во работата гледаме дека имаме зголемен број на лица со аутистичен спектар. Затоа, потребно е да се вложува во дневни центри затоа што социјализацијата е особено важна за лицата со аутистичен спектар“, нагласи Ѓоргиевска.

Како што информира Кабинетот на претседателот, Ѓоргиевска истакна и дека постои поголема свесност за лицата со аутистичен спектар во смисла на нивно рано дијагностицирање, нивно третирање и рехабилитирање, а со подигнувањето на свеста за овие предизвици ќе им се помогне за подобар квалитет на живот.

На панел-дискусијата се обратија Анѓела Милевска, специјален едукатор и рехабилитатор, Дамјан Павлов, студент по медицина, Денис Јанкуловски од „Аутизам ААМК“ и Домника Кардула, родител на дете со аутизам.

Панел-дискусијата е можност да се дискутира за пристапот кон аутизмот и значајноста на холистичкиот пристап кон грижата за аутизмот, истражувањето и развојот на аутизмот, како и други теми од важност за аутизмот. Настанот е продолжение на серијата дебати од областа на здравството коишто се реализираат со поддршка на сопругата на претседателот и амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, во соработка со Клубот на млади лекари и со учество на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, Здружението на студенти по медицина и здруженија и поединци кои делуваат во оваа област“, информира претседателскиот Кабинет.