Прва трибина во Дебар за семејството како основа на соживот и општествени вредности (фото)

 Во саботата попладне, на 9 ноември, градот Дебар беше домаќин на првата Трибина која се одржа во рамки на проектот за поддршка на соживотот во регионот, чијшто носител е Здружението за заштита и негување на културните вредности „Рајчица“. Овој значаен мултикултурен и мултирелигиски проект се случува по идеја и со благослов на нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, а е одобрен и поддржан од страна на Општина Дебар.

Трибината која носеше наслов „Семејството: стожер на љубовта и општествениот развој“, за прв пат на иста маса ги донесе претставниците на двете најголеми верски заедници во регионот, но и во државата, имено православната и исламската. Поканетите говорници, секој од аспект на својата експертиза, имаа можност да ги изнесат своите согледби во однос на посочената тема, придонесувајќи на тој начин да се пренесат нивните зборови во јавниот дискурс.

На трибината, меѓу многуте присутни граѓани од различна етничка и верска припадност, на наша голема радост присуствуваа: нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, заедно со архимандритот г. Доситеј и дел од нашето братство и сестринствата; градоначалникот на Општина Дебар г. Хекуран Дука; дебарскиот муфтија г. Решат Качалнику; директорката на Центарот за култура во Дебар г-ѓа Едона Алили; парохискиот свештеник о. Миле Ангеловски; монаси и монахињи, просветни и културни работници, како и голем број претставници на институции.

Трибината ја отвори психологот Ангелина Василевска, која го истакна значењето на соживотот во регионот низ многуте децении наназад, како и важноста од дискусиите на овие теми во јавниот простор. Веднаш по неа, пред присутните се обрати и Градоначалникот на Општина Дебар, г. Хекуран Дука, кој го поздрави одржувањето на оваа Трибина, истакнувајќи дека треба да ги развиваме ваквите заложби за поддршка на соживотот, со кој Дебар се гордее.

„Во фокус на оваа трибина, би сакал да кажам дека сум многу задоволен што ќе се дискутира на тема поврзана со семејството, бидејќи многу пати сум бил присутен на различни трибини каде што се зборува за правата на децата, правата на жената, но никогаш не сум бил присутен, ниту пак, сум разбрал дека има дебата на која се зборува за нашето најважно, а тоа е семејството, кое е основна клетка на општеството. Оти какво што ни е семејството, такво ќе ни биде општеството“, рече меѓу другото Градоначалникот на отворањето на трибината, кој вети дека ќе продолжи да ги поддржува ваквите иницијативи насочени кон развој на младите во општеството.

Првото предавање на конкретната тема беше произнесено од монахињата Ефимија Зајковска од манастирот во Рајчица, која се фокусира на современите состојби и предизвиците исправени пред семејството.

„Денес, и покрај сиот економски, индустриски и технолошки развој, сепак, се забележува еден парадокс, кој рефлектира сериозни оштетувања внатре во човечката личност: наместо да напредува, човекот регресира, се соочува со неверојатен стрес, страв, незнаење, болести. А најсилен, пак, негативен ефект од современиот развој е настанатото отуѓување меѓу луѓето, што значи дека тие отстапуваат од целта заради која се создадени, а тоа е живот во заедница и соединување со Бога. Денес човекот професионално непрестајно се развива, но стагнира и потфрлува на семеен план, тој има многу виртуелни пријатели, но со никого не создава длабоки физички и емотивни врски, неверојатно е храбар за да освојува нови сложени предизвици, а сериозно исплашен да го отвори своето срце за да го пушти внатре својот ближен“, истакна сестра Ефимија во своето обраќање.

Меѓу другото, таа ги поттикна присутните на размислување, поставувајќи им го прашањето: Дали денешните семејства имаат реална способност да се спротивстават на модерните трендови, кои се насочени пред сè кон индивидуалниот развој на човекот, за сметка на неговото отуѓување од ближниот?

„Токму таму, во модерниот амбиент во кој реално сите ние живееме, имаме задача да ја понудиме нашата перспектива, да придонесеме и системски да се променат нештата, да се избориме за подобро образование на нашите деца, да бидеме истрајни во почитувањето на моралните вредности. Го менуваме општеството влијаејќи на него со својот позитивен пример, бранејќи ги, додека дишеме, вредностите кои ги стекнавме и научивме благодарение на животот во нашите семејства: почитувањето на секоја личност, скромноста, чесноста, трудот, пожртвуваноста, добротата, незлобливоста, милосрдието, простувањето, љубовта! Овие семејни вредности, од нашиот мал семеен круг непрестајно треба да ги пренесуваме во големото семејство на светот. Ако тоа го имаме, тогаш тоа ќе го дадеме. Бидејќи, секој го пренесува она што го научил, секој од срцето го дава тоа што во него го поседува, истакна сестра Ефимија.

клиничкиот психолог и психотерапевт г-ѓа Сумеа Рамадани

Веднаш по монахињата Ефимија се обрати клиничкиот психолог и психотерапевт г-ѓа Сумеа Рамадани, која со својот особено инспиративен говор го држеше будно вниманието на сите присутни, велејќи дека „во секоја религија семејството е нешто свето, единствено место каде што нè прифаќаат онакви какви што сме, бидејќи само во семејството се потпираме на љубов. Во семејството сите сме исти, еден за сите и сите за еден. Љубовта е фундаментална потреба за да опстанеме во живот. Љубовта пренесена од родителите на детето, детето ја пренесува на светот. Семејството нè учи на сите социјални вештини и емоционална стабилност. А мајката, пак, е најсветото нешто, најубавиот цвет во семејството, мајката е таа која го собира целото семејство и треба да се почитува со милост. Секако, клучна улога во семејството и развојот на детето во вистинска личност одигрува и таткото, меѓутоа, мајката е најубавиот подарок што таткото може да му ја даде на детето“, рече меѓу другото г-ѓа Рамадани.  

По г-ѓа Рамадани се обрати Имамот од Дебар г. Орхан Зенго, кој го изрази своето огромно задоволство што може да даде придонес на една ваква одлична средба.

Тој истакна дека „религијата има клучна улога во создавањето на вистинска здрава личност. Да се биде религиозен, значи да се биде човек во потполна смисла на зборот. Религијата нè поучува како најдобро да го изградиме нашето семејство. Семејството е првата институција во која се раѓа и се гради една вистинска личност. Од исламска перспектива, за да изградиме здрава личност потребно ни е да изградиме здраво семејство. А предуслов за здраво семејство е бракот помеѓу маж и жена, кои треба да бидат здрави и изградени личности. Преземањето на одговорноста е на двајцата родители, кои треба да го едуцираат своето дете, да му ги инсталираат сите човечки и хумани вредности и да го изградат во вистинска личност. И општествениот развој зависи токму од самиот човек и неговата личност. Колку повеќе добри личности ќе изградиме толку побрзо ќе се промени и развие во подобро нашето општество“.

На крајот се обрати и архимандритот Кирил Деловски од Бигорскиот Манастир, кој ја нагласи позитивната улога на градот Дебар во одржувањето на добриот соживот низ вековите. Исто така, тој со посебна теолошка длабочина, пред присутните ја истакна возвишената православната перспектива за бракот и семејството, заокружувајќи ја вчерашната Трибина со надежта дека оваа практика ќе продолжи и понатаму.

„Со голема чест и радост се собравме денес во овој знаменит и благороден град Дебар, кој низ вековите претставува жив симбол на соживот, взаемна почит и братство. Град каде што христијанските и муслиманските заедници секогаш биле блиски, каде што во домовите се негувале семејните вредности и каде што грижливо се пренесувал духот на широкоградоста и меѓусебното разбирање од поколение на поколение. Секако, имало и негативни ситуации и такви што сакале да внесат раздор, непочит и омраза, но, овде, за среќа, историјата памети само добри примери и оние кои твореле добро. Во овој град, љубовта и почитта кон ближниот се градат на секојдневно ниво, правејќи го Дебар неприкосновен пример во нашата држава за заедништво и почитување на разликите. Верувам дека „денешното наше заедничко присуство е плод на вековната традиција на заедништво и меѓусебна почит, толку важна за овој град, но нема да претерам ако речам и за светот. Токму затоа, им благодарам на сите кои се потрудија во организацијата на оваа прекрасна трибина, а особено на градоначалникот на општина Дебар, г. Хекуран Дука, на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, со чијшто благослов сме вечерва тука и на почитуваниот дебарски муфтија, г. Решат Качалнику.

архимандритот Кирил Деловски од Бигорскиот Манастир

Ќе ги истакнам зборовите од мојата внука Коприна, кои таа ги кажа кога имаше само четири годинки: ‘Колку е тажен светот да немам родители!’ Децата, според природниот поредок, имаат неопходност од родители во секој аспект на нивниот живот. Потребата за топлината, присуството и поддршката на родителите е неизмерна и непроценлива – таа е вградена во самото битие на детето. Но, дилемата на нашето време, во ерата на технократија и непрестајна трка по материјалните вредности и современите трендови, е дали родителите се навистина тука за децата. Живееме во општество кое ги вреднува видливите успеси, во кое човекот се оценува според неговиот успех на социјалните мрежи, според висината на неговиот доход и престижот на неговата позиција. Овој безмилосен ритам ја осиромашува човечката душа и го оддалечува од суштинските врски кои го облагородуваат животот. Родителите, заслепени од новите идеали за успех и самореализација, сè почесто се жртви на зависноста од социјалните мрежи и на бездушната трка за кариера и богатство, првонаредувајќи го, пред сè, својот дигитален имиџ, на сметка на семејната близина. Притоа, невидливата цена на оваа опсесија се плаќа со тежок данок: во изгубени моменти, во изгубено присуство, во изгубено воспитание. Родителите, погледнати низ очите на детето, се далечни, отсутни – дури и кога физички се присутни. Колку тажно е кога децата го бараат погледот на своите родители, но наместо на поглед кој зрачи со емпатија, нежност, радост и разбирање, наидуваат на екрани кои светат со друга светлина, светлина која не е топла и животворна, туку студена и илузорна. Екраните, кои ја крадат внимателноста на родителите, на детето му порачуваат дека неговото време и неговата љубов не се доволно важни. Детето сака мајка и татко, а не успешни бизнисмени и нашминкани слики во дигиталниот простор“.

Уште еднаш ја изразуваме нашата голема благодарност до Општина Дебар, до „Просветно дело“ кои несебично се вклучија во овој проект, овозможувајќи школски прибор за децата од руралните средини, до сите просветни и културни работници од регионот, кои несебично го подржуваат овој проект.