Први слики од рускиот напад на Киев: Две лица загинаа, се огласи и Зеленски (ФОТО)

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека најмалку две лица загинале во главниот град Киев за време на утринава масовен руски ракетен напад врз Украина.

– Повеќе од 10 лица се повредени во Киев. Засега знаеме за најмалку двајца загинати. Може да има уште луѓе под урнатините – објави Зеленски на Телеграм.

Украинската воздушна одбрана собори 29 проектили и 15 беспилотни летала лансирани од Русија во денешниот масовен напад, соопшти шефот на украинската армија Валериј Залужни.

Тој на Телеграм прецизираше дека руските сили лансирале 64 проектили и беспилотни летала во неколку бранови напади.

Соборени се вкупно 44 проектили и беспилотни летала, додаде Залужни, пренесува Ројтерс.

Украинските воздухопловни сили претходно денеска објавија дека Русија извршила ракетен напад врз Киев и други украински градови и дека како резултат на тоа биле активирани системи за противвоздушна одбрана.

Во Киев, непосредно пред седум часот по локално време се слушнаа силни експлозии, а градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, потврди дека биле ангажирани системи за противвоздушна одбрана, пренесува Ројтерс.

Две високонапонски водови во главниот град беа оштетени од фрагменти од ракетата, рече Кличко, што предизвика прекин на електричната енергија во некои области.

Се наведува и дека цела Украина е во состојба на готовност за воздушен напад.

Гувернерот на регионот Харков во североисточна Украина, Олех Синехубов, изјави дека руски проектили погодиле нестанбени згради и инфраструктурни објекти во Харков.

Во ракетен напад на југ во Миколаив загина едно лице, а оштетени се најмалку 20 станбени згради, а пријавени се и неколку повредени, изјави градоначалникот на градот, Олександр Сиенкевич.

– Има оштетени станбени објекти. Околу 20 од нив се без покриви. Од страна на комуналните претпријатија веќе се санираат оштетувањата на мрежите за гас и вода. Има ранети. Едно лице е хоспитализирано. На другите им била укажана помош на лице место, напиша тој на Телеграм пред да додаде дека хоспитализираниот маж починал.