Прв Состанок на националниот совет за интегрирано гранично управување

Првиот состанок на Националниот совет за интегрирано гранично управување се одржа денеска во Владата. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во својство на претседавач со Советот, ги потенцира надлежностите на Советот, системскиот мониторинг и координација на имплементацијата на Националната стратегија за интегрирано гранично управување 2021-2025 и соодветниот Акциски план, соопшти владината прес-служба. 

– Со оглед дека ова е наш прв состанок, би сакал да ве запознаам со работите во надлежност на Советот, меѓу кои би ги потенцирал: системскиот мониторинг и координација на имплементацијата на Националната стратегија за интегрирано гранично управување 2021-2025 и соодветниот Акциски план, разгледување на сите предизвици во областа на интегрираното гранично управување, предлагање конкретни мерки за подобрување на имплементацијата на Стратегијата и Акцискиот план, идентификување на приоритети во областа на интегрираното гранично управување, укажување на потребата од обезбедување средства за имплементација на Стратегијата и Акцискиот план, предлагање на Владата на Република Северна Македонија материјали за разгледување и усвојување поврзани со интегрираното гранично управување, координирање на имплементацијата на Стратегијата и Акцискиот план со соседните земји и други координативни тела во регионот и следење на работата на Меѓуресорската експертска група за интегрирано гранично управување, информираше министерот Спасовски.

Тој истакна дека земјава го има прифатено концептот на интегрираното гранично управување (ИГУ) како национален модел уште во 2002 година. Спасовски рече тој во изминатиов период постојано се надоградуваше и развиваше преку имплементацијата на националните стратегии за ИГУ кои во континуитет се надоврзуваа една на друга.

– Националната стратегија за ИГУ 2021-2025 и соодветниот Акциски план се усвоени од Владата на Република Северна Македонија на 19-та седница одржана на 02 март 2022 г., изготвени од страна на Министерството за внатрешни работи – гранична полиција, во соработка со Националниот координативен центар за гранично управување, Министерството за финансии – Царинска Управа и останатите надлежни институции вклучени во националниот систем за интегрирано гранично управување, рече Спасовски.

Додаде дека овие стратешки документи се усогласени со постоечката национална стратешка рамка и основните стратешки документи, со акцент на Програмата за работа на Владата 2021-2024 и се во функција на исполнување на планираните активности во рамки на процесот на пристапување кон Европската Унија.

– Неспорно е дека натамошното развивање на националниот систем за  ИГУ, согласно европските стандарди, ќе ја подобри националната гранична безбедност и истовремено ќе овозможи поефикасен заеднички пристап и координирано справување со сегашните и идните закани по националната гранична безбедност и европската гранична безбедност во целина, а тоа се пред се тероризмот, илегалната миграција, корупцијата и други облици на организиран криминал, потенцираше   министерот Спасовски.

На првиот состанок на Националниот совет за интегрирано гранично управување биле претставени присутните членови на Советот, се одржала презентација за преземени активности и предлози со рок на имплементација од страна на д-р Владимир Пивоваров, национален координатор за гранично управување.

Националниот совет за интегрирано гранично управување е формиран со Одлука на Владата, на седница одржана на 9 март 2023 година.