Преглед на настани во изминатите две декади кои ги разгневија муслиманите поради сквернавење на Куранот

Палењето на шведската амбасада во Багдад од страна на демонстранти поради заканата на ирачки бегалец дека ќе го запали Куранот во Стокхолм е најновиот случај што го разгневи муслиманскиот свет поради сквернавењето на светата книга на исламот. 

АФП наведува дел од другите случаи што предизвикаа немири во изминатите 20 години: 

Шведска беше цел на гнев од муслиманскиот свет во 2023 година, откако даде дозвола поради слобода на говор за протести, вклучително и палење на Куранот. 

Во јануари, шведско-данскиот десничарски екстремист Расмус Палудан запали Куран пред амбасадата на Турција во Стокхолм, што предизвика демонстрации во Турција, Пакистан, Авганистан и Ирак и други земји. 

Палудан, кој има историја на палење Курани, исто така ги запали примероците од книгата во Копенхаген. 

Ирачкиот христијански бегалец Салван Момика предизвика нов бран на бес во јуни, откако запали страници од Куранот пред џамија во Стокхолм на Курбан Бајрам, голем муслимански празник. 

Тензијата ескалира на 19 јули поради неговите планови да го повтори гестот. На крајот не го запали Куранот туку го изгази. 

Американската воздушна база во Баграм во Авганистан беше цел на насилни протести откако се дозна дека американски војници палеле Курани. 

Војниците ги отстранија книгите од талибанските затвореници во базата, откако беше откриено дека тие содржат екстремистички пораки. 

Подоцна биле помешани како отпадоци и биле однесени на депонија, каде што авганистанските вработени ги идентификувале како Курани токму кога биле запалени. 

Инцидентот, за кој тогашниот американски претседател Барак Обама се извини, предизвика неколкудневни немири во Авганистан, во кои загинаа околу 40 лица, вклучително и четворица американски војници, од кои двајца беа убиени од авганистански колеги. 

Во јули 2010 година, евангелистичкиот свештеник од Флорида, Тери Џонс, предизвика насилни демонстрации ширум светот, објавувајќи планови за масовно палење на Куранот на деветтата годишнина од нападите на 11 септември 2001 година во САД. Тој на крајот се откажа од планот, но неколку месеци подоцна го запали Куранот во неговата црква. 

Најмалку 24 лица загинаа во протестите кои следеа низ Авганистан, меѓу кои и седум вработени во Обединетите нации. 

Американски војник во Ирак кој користел копија од Куранот како мета за пукање предизвика масовни демонстрации во Авганистан. Војникот беше отпуштен од американската војска. Тогаш американскиот претседател Џорџ В. Буш му се извини на ирачкиот премиер. 

Извештај на списанието „Њузвик“ во кој се цитира тврдењата дека американски чувар во Гвантанамо го фрлил Куранот во тоалет, предизвика протести во Појасот Газа, Западниот Брег, Пакистан и Авганистан, каде што се убиени 14 лица. Њузвик подоцна ја повлече својата приказна и се извини.