Предвремени парламентарни избори во Црна Гора 2023: Победа на анти-Ѓукановиќ, односно анти-ДПС блокот
Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана ја анализира состојбата во Црна Гора по повод завршувањето на кампањата за предвремените парламентарни избори, кои ќе се одржат на 11 јуни 2023 година. Од анализата „Предвремени парламентарни избори во Црна Гора 2023: Победа на анти-Ѓукановиќ, односно анти-ДПС блокот“, ги објавуваме најважните и најинтересни делови:
На 11 јуни во Црна Гора ќе се одржат дванаесеттите парламентарни избори од воведувањето на повеќепартискиот систем и шестите во независна Црна Гора според пропорционалниот изборен систем – целата земја е една изборна единица. Право на глас имаат 542.468 избирачи. Се избираат 81 пратеник во Собранието на Црна Гора. Изборниот праг е 3%. На изборите учествуваат 15 политички субјекти.
Изборна кампања мирна, кратка и без стари теми – политиката како спектакл
По првпат парламентарните избори во Црна Гора се одржуваат без етнички тензии, запалива реторика, без актуелизирање на прашањето за Српската православна црква (СПЦ), туку кампањата се води за животни прашања и иднината на Црна Гора, која, покрај зачленувањето во НАТО, својата перспектива ја гледа во скорешно членство во ЕУ. Има помалку собири на отворено во споредба со претходните изборни процеси, како и помал број изборни плакати на јавните простори. Изборната кампања се префрли на онлајн просторот и социјалните мрежи, што се објаснува со тоа што е попопуларен, поевтин и поефективен медиум кој допира до помладата популација гласачи – политиката како спектакл.
Парламентарните избори немаат статус на „пресудни“ избори, бидејќи е поразен режимот на Мило Ѓукановиќ и Демократската партија на социјалистите (ДПС), а поразен беше и самиот Ѓукановиќ на неодамнешните претседателски избори.
Во Црна Гора имаше значително зголемување на платите и животниот стандард, што доведе до помал интерес за избори и политика. Граѓанинот сè уште не е во целосниот фокус на политичките програми, и во најголем дел остануваат популизмот и декларативните ветувања за постигнување подобар стандард и поголеми економски шанси. ДПС и неговите сателитски коалициски партнери имаа можност во изминатите 30 години да го спроведат она што сега го ветуваат, но не успеаја да го сторат тоа.
Аналитичарите оценуваат дека веќе нема стари теми во кампањата, туку доминираат ветувањата на политичките партии за идни големи покачувања на платите, пензиите, социјалните надоместоци, субвенциите за купување станови и автомобили, додатоците на плата, без да се прецизира од кои извори ќе се финансираат сите дополнителни трошоци односно како воопшто ќе се реализираат. Идентитетските теми, националните прашања повеќе не се во центарот на кампањата, ветувањата доминантно се поврзани со зголемувањето на платите и социјалните надоместоци, со подобрувањето на животниот стандард на граѓаните. Изборната кампања се базира на лидерите, кои се во фокусот и збогатена со популистички пораки и без меѓусебни напади за да се отвори поширок простор за постизборна соработка. Политичкиот лидер е во преден план и се користи како главен политички бренд, а кампањата често се сведува на персонализација на политиката – политичкиот субјект се препознава преку својот лидер.
На Црна Гора и претстои рекордна туристичка сезона
Црна Гора во 2022 година оствари нешто помалку од една милијарда евра приход од туризмот, додека во 2023 година се очекуваат рекордни приходи од милијарда и 300 милиони евра. Туристичкиот потенцијал на Црна Гора е околу две милијарди евра, но потребно е да се преземат дополнителни активности за да се постигне тоа.
Аналитичарите сметаат дека е потребно туризмот во Црна Гора да заживее во текот на целата година, а не сезоната да трае два-три месеци. За да се постигне тоа, потребни се дополнителни инвестиции во туризмот заедно со намалувањето на сивата економија и силниот развој на транспортната инфраструктура. Актуелната влада направи значителни чекори во развојот на црногорскиот туризам за да може во следните неколку години да се реализира годишен приход од две милијарди евра, што значително ќе го подобри животниот стандард на граѓаните.
Ибрахимовиќ ја предводи бошњачката политичка преродба
За време на 33-годишното владеење на Мило Ѓукановиќ и ДПС, малцинските заедници, пред сè Бошњаците и Албанците, беа колатерална штета и заложници на неговиот режим. Заедно со своите сателитски партии, Социјалдемократите (СД) и Социјалдемократската партија (СДП), ДПС беше фокусирана на малцинските заедници и преку феноменот на создавање „дополнителни“ луѓе си ја обезбедуваше гласачката машинерија за себе.
Луѓето во Црна Гора се ослободија од стравот од режимот на ДПС и почнаа сами да одлучуваат за својата судбина, а Црна Гора доживува своевидна политичка преродба. Бошњаците својата политичка преродба ја реализираат преку Бошњачката партија (БС) и нејзиниот лидер Ервин Ибрахимовиќ, кого го чекаа 30 години. Помладите кадри на ДПС ги користат истите методи како нивниот „учител“ Мило Ѓукановиќ, продолжувајќи да ги омаловажуваат и навредуваат своите политички ривали, па дури и да упатуваат „пријателски“ закани. ДПС и на овие избори го напаѓа бошњачкото избирачко тело. И покрај тоа, се очекува историски резултат на Бошњачката партија.
Аналитичарите веруваат дека по 30 години потиснување и понижување, Бошњаците и Албанците мора да го дадат својот финален печат на демократските промени и да се откажат од довербата и поддршката на ДПС и нејзините сателити СД и СДП и да ја градат својата иднина со демократските политички сили, кои немаат хипотеки од минатото. Бошњаците и Албанците мора да се откажат од гласањето за ДПС и на тој начин да стават крај на децениските измами на ДПС. Правата на Бошњаците се на маргините со децении. Застапеноста во институциите, одржливиот економски развој во деловите на Црна Гора каде што живеат Бошњаците се клучни, бидејќи на овој начин ќе се запре одливот на населението.
Премиерот Абазовиќ е во трка за генерален секретар на НАТО
Црна Гора во изминатите три години беше во центарот на регионалните и европските случувања. Успешно спроведените демократски промени, реформите и интеграцијата во регионалниот и европскиот простор како доверлив партнер и сојузник ги отворија можностите за досега незамислив економски и политички развој на најмалата држава во регионот со одлична геостратешка положба.
Актуелната влада на Црна Гора ја репозиционираше улогата на Црна Гора во регионалните и меѓународните односи, а воедно е и најтранспарентната влада во регионот. Заложбите на премиерот Дритан Абазовиќ (УРА) се насочени кон младите луѓе и нивната иднина преку решавање на станбените проблеми и запирање на одливот на населението во странство. Голем успех на владата е политиката на „Нула“ проблеми со соседите.
Црна Гора е доверлив сојузник во НАТО, што го потврдија и највисоките претставници на НАТО по повод годишнината од членството на Црна Гора во Алијансата. НАТО сака да ја зајакне својата позиција меѓу младите членки на Алијансата и да стави акцент на проширувањето. Затоа земјите членки размислуваат за кандидати за нов генерален секретар на НАТО. Покрај споменувањето на премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ (ХДЗ) за функцијата генерален секретар на НАТО, во игра е и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ. Пленковиќ има хипотека дека е на чело на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), која како воена партија го носи товарот на војните, воените злосторства и пресудите на меѓународните судови според кои кадри на ХДЗ беа осудени за најтешки воени злосторства, вклучувајќи го и заедничкиот злосторнички потфат против Босна и Херцеговина. Пленковиќ се смета и за „capo di banda“ на криминалот и корупцијата што ја спроведуваат кадрите на ХДЗ и поединци и фирми блиски до нив.
Аналитичарите сметаат дека е важно црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ да биде во игра за генерален секретар на НАТО, што е големо признание за Црна Гора и нејзините достигнувања во изминатите три години, во кои на мирен и демократски начин беа направени историски демократски промени.
Победа на анти-Ѓукановиќ, односно анти-ДПС блокот
На претстојните предвремени парламентарни избори во Црна Гора се очекува да победи анти-Ѓукановиќ, односно анти-ДПС блокот, и успешно да продолжат демократските процеси кои ќе го зголемат економскиот стандард на граѓаните, ќе обезбедат меѓуетничка хармонија и ќе работат на тоа Црна Гора да стане следната членка на ЕУ.
Аналитичарите сметаат дека анти-Ѓукановиќ, односно анти-ДПС блокот, ќе го предводи новооснованото Движење „Европа сега“, кое ќе се состои од коалиција предводена од Дритан Абазовиќ и Алекса Бечиќ (Алекса и Дритан – Храбро се брои – Демократи и УРА), Нова српска демократија и партиите на бошњачката, албанската и хрватската заедница. Неопходно е да се обезбеди политички консензус дека партиите кои беа носители на демократските промени во 2020 година нема да коалицираат со ДПС сè додека ДПС не се реформира и не се ослободи од кадрите кои биле носители на криминал и корупција, па дури и на воени злосторства.