Косово на 17 февруари 2008 година прогласи независност од Србија, во координација со западните стратешки партнери, пред сѐ Соединетите Американски Држави, Германија, Франција, Велика Британија и Италија.
Нерешените односи со Србија, проблемите во интеграцијата на северниот дел на Косово, економската криза, заминувањето на младите и медицинскиот персонал од земјата, се меѓу најголемите проблеми со кои се соочува Република Косово на 15-годишнината од независноста.
Косово на 17 февруари 2008 година прогласи независност од Србија, во координација со западните стратешки партнери, пред сѐ Соединетите Американски Држави, Германија, Франција, Велика Британија и Италија.
Според податоците на косовското Министерство за надворешни работи, Косово досега го признале 117 земји во светот. Сепак, сè уште нема признавање од петте членки на Европската Унија: Шпанија, Грција, Словачка, Романија и Кипар, ниту од постојаните членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, Русија и Кина, кои имаат право на вето во Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН).
Во Косово се надеваат дека тие земји би можеле да ги променат ставовите по постигнувањето на конечниот договор меѓу Косово и Србија според планот на Европската Унија, познат како германско-француски план.
Косовскиот премиер Албин Курти неодамна изјави дека Владата на Косово го прифатило тој договор како добра основа за понатамошни преговори со Србија.
Врз основа на некои делови од тој план кои протекоа во јавноста, Србија нема да мора официјално да ја признае независноста на Косово, но прифаќањето на тој договор би било де факто признавање.
Проблеми околу формирањето на ЗСО
За возврат, косовските Срби би ја добиле Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО), што беше договорено пред десет години во Брисел, но никогаш не беше спроведено поради одлуката на Уставниот суд на Косово дека не е во согласност со Уставот на Косово и поради противењето на Курти и неговото движење Самоопределување да се формира Заедница која би била здружување на еднонационална основа и која ќе ја доведе во опасност целоста на Република Косово.
Првиот голем Бриселски договор од 2013 година предвидуваше интеграција на четири општини од северот на Косово во косовското општество, како и формирање Заедница која ќе обезбеди поврзување на сите десет општини со српско мнозинство во Косово.
Во Брисел беа постигнати повеќе од 30 договори, но како и Заедницата, и многу други никогаш не беа реализирани бидејќи официјален Белград постојано ги опструираше.
Така, договорот за слобода на движење не беше целосно имплементиран, па кога минатата година Владата во Приштина почна да го применува, имаше многу тензии во односите меѓу косовските власти и српското население, поддржани од властите во Белград.
Владата на Косово почна да ја спроведува одлуката за задолжителна пререгистрација од старите српски регистарски таблички, со ознаки на косовски градови, на косовските таблички РКС, што предизвика незадоволство кај Србите и доведе до одлука на претставниците на српската заедница на почетокот на ноември да излезат од косовските институции на централно ниво и од четири општини на северниот дел на Косово, вклучувајќи ја полицијата и правосудството.
Потоа Владата на Косово се обиде да организира вонредни локални избори во четири општини на север, но наиде на отпор од криминалните структури кои го турнаа српскиот народ пред себе и го наведоа да ги блокира патиштата.
Поради лошата безбедносна ситуација, косовските власти ги одложија изборите за април годинава, а благодарение на големиот ангажман и притисок на лидерите на САД и ЕУ, блокадите беа отстранети и ситуацијата на север се смири, барем за некое време.
Конечниот договор меѓу Косово и Србија би можел да биде постигнат оваа пролет, бидејќи планот на ЕУ беше претставен пред претставниците во Приштина и Белград како предлог „земи или остави“, со предупредување дека неприфаќањето на планот ќе има сериозни дипломатско-политички последици за нивните земји.
Барање за членство во ЕУ и Советот на Европа
На патот кон евроинтеграциите, Косово досега со ЕУ го потпиша Договорот за стабилизација и придружување, кој стапи на сила на 1 април 2016 година, додека минатата година поднесе и официјално барање за прием во Европската Унија, како и за членство во Советот на Европа. Приштина својата шанса ја гледа во контекст на рускиот напад врз Украина, кој даде нов поттик за проширување на ЕУ.
Досега нема напредок во таа насока, но имаше по прашањето за визна либерализација.
Официјални лица од Брисел одлучија дека визите за Косово ќе бидат укинати најдоцна до јануари 2024 година, што ќе им овозможи на косовските граѓани конечно да патуваат во европските земји од Шенген зоната, како и на граѓаните на сите други земји од регионот на Западен Балкан.
Косово се надева и на напредок на патот на интеграцијата во НАТО, што е една од стратешките цели на државата Косово. Дотогаш, НАТО сѐ уште е присутен на Косово преку трупите на КФОР, кои, според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, имаат мандат да одржуваат мирна и безбедна средина за сите жители на Косово.
Покрај членството во ЕУ и НАТО, целта е и членство во Организацијата на Обединетите нации.
Од прогласувањето на независноста во 2008 година до денес, Косово стана полноправна членка на многу меѓународни и регионални организации и институции, како што се Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд, Меѓународниот олимписки комитет, ФИФА, УЕФА и други.
Заминување на младите во европските земји
Паралелно со политичките проблеми во односите со Србија, Косово се соочува и со економска криза, што е последица на енергетско-економската состојба во светот предизвикана од рускиот напад врз Украина. Цените на основните прехранбени производи и енергетските производи се зголемени и до 50 отсто, што резултира со зголемување на сиромаштијата кај населението.
Економската криза, како и неможноста за вработување и ниските плати доведоа до фактот, сè поголем број млади луѓе да го напуштаат Косово и да заминуваат во западноевропските земји.
Се зголемува трендот на заминување на лекари и медицински техничари кои во потрага по подобри услови за работа и поголема заработувачка својата иднина ја гледаат и во земјите од Европската Унија.
Дали тој тренд ќе биде уште поизразен со укинувањето на визниот режим, останува да видиме, но Владата на Косово секако има време дотогаш да продолжи со започнатите реформи, борбата против корупцијата и иницијативите за подобрување на социоекономската состојба во земјата.
Спортистите продолжуваат да постигнуваат успеси
Успесите на косовските спортисти на светската сцена продолжуваат, а благодарение на нив, низ светот се слушаше косовската химна и се вееше сино-жолтото знаме.
Џудистките се и понатаму најуспешни. Дистрија Красниќи, наследничка на златната олимпијка Мајлинда Кељменди, освои бронзен медал на Светското првенство што се одржа во Ташкент, Узбекистан и бронза на Европското првенство во Софија 2022. Во Софија медал освои и Лаура Фазлиу, која освои сребро.
Успешна беше и боксерката Доњета Садику која освои бронза на Светското првенство во Истанбул, Туркије и бронза на Европското првенство во Будва, Црна Гора.