ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД КИНА: Земјите од Југоисточна Азија да избегнуваат повторување на украинската трагедија!

Земјите од Југоисточна Азија мора да избегнат повторување на трагедијата на војната во Украина и да внимаваат да не бидат користени како геополитички пиони од странските сили, кои сеат раздор во регионот за своја корист, предупреди првиот човек на Кина.

Според South China Morning Post, шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји изјавил дека „кризата во Украина го вознемири човештвото и слични трагедии не смеат да се повторат во Азија“.

– Мораме да ја промовираме регионалната безбедност преку дијалог и соработка и да се спротивставиме на барање апсолутна безбедност на сметка на другите земји – рече Ванг Ји во видео обраќањето на конференцијата на експерти за надворешна политика организирана од Индонезиската асоцијација за надворешна политика во Џакарта.

Ванг Ји

Ванг предупреди дека манипулатор од зад сцената, очигледно алудирајќи на Соединетите држави, го разгорува пламенот на контроверзии околу територијалните спорови во Јужното Кинеско Море.

– Оваа црна рака која се крие зад сцената мора да биде разоткриена. Кина е секогаш подготвена да соработува со релевантните земји за правилно решавање на разликите преку дијалог и да бара ефективни начини за контрола на поморската ситуација. Односите меѓу Вашингтон и Пекинг се влошија во последниве години, заедно со конфликтот меѓу Русија и Украина, поради мешањето на САД во прашањата поврзани со Тајван, кој Кина го смета за дел од својата територија – рече Ванг.

Тој оцени дека „Пентагон се обидува да воспостави блиски врски со земјите од Југоисточна Азија, вклучувајќи ги и четирите земји кои имаат територијални спорови со Кина“.

– Филипините, на пример, на почетокот на оваа година им дозволија на САД да користат четири дополнителни бази во земјата, што предизвика предупредување од кинеските власти дека Манила е врзана за „кочија на геополитички конфликти“ – рече шефот на кинеската дипломатија.

Ванг даде предвидување дека странските напори за поттикнување конфликт во Јужното Кинеско Море ќе пропаднат.

– Кина и нејзините соседи мора да работат заедно за да го зачуваат тешко стекнатиот мир во регионот со правилно управување со нивните разлики. Треба да го напуштиме менталитетот на Студената војна и да се спротивставиме на игрите со нулта сума, држејќи го регионот подалеку од геополитичките калкулации, а не да станеме пиони во конкуренција на големите сили – додаде тој.

Кинеските власти постојано го обвинуваат Вашингтон дека користи „менталитет со нулта сума“ додека се обидува да ја задржи хегемонската моќ над светот.

Пекинг и Вашингтон, исто така, постојано се обвинуваат меѓусебно за различни воени провокации во Јужното Кинеско Море, Тајванскиот теснец и други региони.