Димитар Ковачевски и Еди Рама ѝ изразија сочувство на Србија по вооружениот напад што се случи во едно основно училиште во Белград, каде што загинаа осум деца и еден чувар.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и премиерот на Албанија, Еди Рама, ѝ изразија сочувство на Србија во врска со инцидентот во едно основно училиште во Белград, каде што беа убиени осум деца и еден чувар.
Преку објава на социјалните мрежи, премиерот Ковачевски рече дека тоа е трагична вест и дека „нема зборови што ќе ги надоместат болката и тагата на оние што денес изгубија свои блиски“.
„Во името на Владата на Република Северна Македонија и во мое лично име изразувам најдлабоко и искрено сочувство за загубените животи. Нашите мисли се со српскиот народ и семејствата на починатите и повредените, со надеж за брзо закрепнување“, напиша Ковачевски.
Реагираше и премиерот на Албанија, Еди Рама, кој исто така на социјалните мрежи напиша дека е „крајно тажно да се слуша за денешното неселективно пукање во училиште во Белград“.
„Моето најдлабоко сочувство оди до семејствата на жртвите, како и до српскиот народ и српската власт. Посакувам брзо закрепнување на повредените во овој трагичен настан“, напиша Рама.
Потсетуваме, Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека во вооружениот напад што утринава се случи во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар, Белград, загинаа осум деца и еден чувар.