Претрес во домот на претседателката на Перу поради сомнение дека не пријавила колекција луксузни часовници
Домот на перуанската претседателка Дина Болуарте синоќа беше претресен како дел од истрагата за незаконско збогатување, бидејќи таа е осомничена дека не пријавила колекција луксузни часовници.
Според полициски документ, во кој имале увид некои агенции, околу 40 полицајци и судии биле мобилизирани „со цел да ја претресат куќата и да ги одземат часовниците Ролекс“.
На сликите што ги објави локалната телевизија се гледа дека инспекторите го опкружуваат домот на претседателката во предградие на Лима, додека полицијата го блокира сообраќајот.
Полициската интервенција била спроведена по барање на јавен обвинител.
Во случај на кривично гонење, перуанската претседателка, според Уставот, не може да биде изведена на судење пред јули 2026 година, датумот кога и завршува мандатот.
Скандалот со „Ролекс“ избувна откако локалните медиуми во средината на месецов објавија серија фотографии на кои Дина Болуарте носи разни луксузни часовници додека беше во владата во 2021 и 2022 година.
Таа потоа изјави дека поседува само еден часовник, кој го купила со свои пари.
Претседателката, која има 61 година, веќе е под истрага за „геноцид, тешко убиство и тешки телесни повреди“ по смртта на повеќе од 50 луѓе за време на двомесечните социјални немири што следеа по нејзината инаугурација.
Дина Болуарте стана претседателка по смената и апсењето на левичарскиот шеф на државата Педро Кастиљо, чиј потпретседател беше таа