Претседателката Османи присуствуваше и на инаугурацијата на улица во скопската Општина Чаир, која ќе го носи името на поранешниот претседател на Косово, Ибрахим Ругова.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу, во рамките на дводневната посета на Северна Македонија, ја посети Скопската чаршија, каде се сретна со бизнисмени и граѓани кои излегоа да ја пречекаат.
Претседателката Османи најпрвин присуствуваше на инаугурацијата на улица во скопската Општина Чаир, која ќе го носи името на поранешниот претседател на Косово, Ибрахим Ругова.
На овој настан присуствуваа и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, пратеници во Собранието на Северна Македонија, дипломати, членови на семејството Ругова, меѓу кои и ќерката на поранешниот претседател, Теута Ругова, како и други гости.
Османи во својот говор рече дека е почестена што учествува во именувањето на улицата по „историскиот претседател“ на Косово, додавајќи дека ова е голема чест за целиот косовски народ.
„Чаир засекогаш ќе биде почестен што го овековечи името на претседателот Ругова на оваа улица, а несомнено оваа табла со ова име е водич не само за патот, туку и за делото на претседателот Ругова. Патиштата се тие што ги поврзуваат луѓето, градовите и државите, така што оваа улица со ова име не само што ќе го поврзе Чаир со другите делови на оваа земја, туку ќе биде дополнителен мотив за граѓаните на Косово да ја посетат земјата“, рече претседателката Османи.
Свое обраќање имаше и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, кој ја поздрави инаугурацијата на улицата „Ибрахим Ругова“, додавајќи дека овој „историски чин“ претставува чест и гордост за сите Албанци, а особено за оние кои живеат во Чаир.
Потоа претседателката Османи имаше кратка прошетка низ Скопската чаршија, која беше украсена и со косовски знамиња.
Османи беше пречекана од повеќе бизнисмени и граѓани, кои дури подготвија подароци за неа, а таа посети и неколку дуќани во чаршијата.
Потоа косовската претседателка положи цвеќе кај спомениците на Ѓерѓ Кастриоти-Скендербег и Хасан Приштина, додека на плоштадот „Скендербег“ за претседателката Османи беше организирана кратка програма со традиционални албански песни и ора.
Претседателката Османи вчера ја започна дводневната посета на Северна Македонија. Таа беше примена од нејзиниот претседателот Стево Пендаровски, се сретна и со државниот врв и одржа говор пред пратениците во Собранието на Северна Македонија.