Путин: Нуклеарната централа „Акују“, еден од најголемите руско-турски проекти

„Нагласувам дека ова е водечки проект. Тој носи заеднички економски бенефит и, се разбира, помага да се зајакне повеќеслојното партнерство меѓу нашите две држави…“

Рускиот претседател Владимир Путин ја нарече турската нуклеарна централа „Акују“ еден од главните проекти во турско-руските односи.

„Нагласувам дека ова е водечки проект. Тој носи заеднички економски бенефит и, се разбира, помага да се зајакне повеќеслојното партнерство меѓу нашите две држави, кое се заснова на принципите на добрососедство, взаемно почитување и земање предвид на интересите едни со други“, рече Путин за време на обраќањето преку видеолинк на церемонијата по повод првата испорака на нуклеарно гориво на централата.

Истакнувајќи дека Русија и Туркије имаат намера понатамошно унапредување на економските и трговските односи, Путин рече дека Русија сигурно ќе продолжи да ѝ обезбедува на Туркије енергетски ресурси, примарно природен гас.

„Тоа е скап производ денес, чија цена само ќе расте, а Туркије ќе ја ужива предноста со сопствената нуклеарна енергија, а нуклеарната енергија, како што знаете, е една од најевтините“, рече Путин, додавајќи дека Русија најверојатно ќе испорачува помалку природен гас на Туркије откако нуклеарната централа „Акују“ ќе достигне максимален капацитет.

Путин го пофали турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој исто така учествуваше на церемонијата преку виртуелна видеоконференција, велејќи дека без него имплементацијата на проектот би била невозможна.

„Како што знаеме, во вакви големи проекти секогаш има одредени административни потешкотии, треба да се надминат некои процедури, и сето тоа беше направено со заеднички напори“, рече тој.

Нуклеарната централа „Акују“, која се очекува да има инсталирана моќност од 4.800 мегавати и четири реактори, треба да започне со производство на електрична енергија кон крајот на оваа година.