Претседателот на Казахстан ја прифати оставката на владата

 Претседателот на Казахстан, Касим Жомарт Токаев објави дека ја прифатил оставката на Владата.

Причината за оставката на Владата, која Токаев лани ја критикуваше дека не успеала да ја спречи инфлацијата и да ја подобри државната инфраструктура, официјално не е соопштена.

Во соопштението од кабинетот на претседателот се наведува дека тој ја прифатил оставката на Владата на чело со Аликан Смаилов и за в.д. премиер го назначил неговиот заменик Роман Склиар.

Претседателот им нареди на членовите на Владата да продолжат да ги извршуваат своите должности додека не се изгласа новата влада.

Смаилов е премиер по насилните протести во јануари 2022 година, во кои загинаа 225 лица. Ова беа најголемите немири од 1991 година, кога оваа централноазиска земја стана независна.

Според законот, владејачката партија Аманат треба да му предложи на Токаев кандидат за премиер и да ја достави неговата одлука до Собранието на одобрување.

Токаев в среда треба да претседава со состанокот на државниот врв и се очекува да се утврдат приоритетите за новата влада.