Претставникот на Трамп тврди дека Зеленски прифатил да се одржат претседателски избори

Специјалниот пратеник на САД за руско-украинскиот конфликт, Стив Виткоф, даде интервју за контроверзниот десничарски новинар Такер Карлсон, во кое зборуваше за моменталната состојба на мировните преговори меѓу Русија и Украина.

Виткоф, меѓу другото, рече дека украинскиот претседател Володимир Зеленски се согласил да се одржат претседателски избори во оваа земја.

Сепак, треба да се каже дека Виткоф дополнително не ги разјасни деталите, ниту пак дал докази за ова тврдење.

Русија постојано го доведува во прашање изборниот легитимитет на Зеленски и се залага за одржување претседателски избори. Многу светски аналитичари сметаат дека тоа го прави затоа што најлесниот начин Русија да го постигне она што го сака во друга земја е мешање во изборниот процес, а не преку воени средства.

Кремљ беше воодушевен кога американскиот претседател Доналд Трамп го усвои овој наратив, нарекувајќи го украинскиот лидер „диктатор без избори“ и ставајќи го одржувањето на изборите услов за преговорите за прекин на огнот.

Покрај наводното прифаќање на Зеленски за одржување избори, Виткоф во интервју за контроверзниот Карлсон изјави и дека членството на Украина во НАТО е отстрането од преговорите на барање на американскиот претседател Доналд Трамп.

Сепак, Виткоф тврди дека Украина може да добие „безбедносни гаранции“ слични на оние содржани во познатиот член 5 од основачкиот документ на НАТО, кој им гарантира на сите земји-членки одбрана на целата алијанса доколку биде нападната.

Сепак, претставникот на Трамп нагласи дека тоа е „отворено за дискусија“ и не гарантира дека тоа ќе биде дел од конечниот договор.