Приватните превозници денеска остануваат во гаража

Приватните превозници во Скопје денеска нема да возат, а ваквата одлуката е донесена на координацијата на превозниците кои вчера попладне ги исклучија своите возила од сообраќај во знак на револт, откако нивното барање за зголемување на таксата по километар не беше разгледано на вчерашната седница на Советот на Град Скопје.

Претседателот на Советот, Трајко Славески објасни дека иницијативата на превозниците била доставена премногу доцна за да биде вклучена на седницата, но дека ќе биде разгледана од градоначалничката Данела Арсовска. Арсовска, пак, го повика Славески да собере храброст и да донесе одлука да го стави прашањето на приватните превозници на дневен ред и заедно со останатите советници да ја разгледаат и да донесат одлука дали ќе ја поддржат и ќе прифатат зголемена цена за превоз.

Претходно Град Скопје, пак, реагираше и обвини дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ одбиле да ја стават точката на дневен ред, сметајќи дека барањето за зголемување на цената е дел од стратегијата за продлабочување на кризата во јавниот превоз. Превозниците кои неодамна се вклучија во јавниот превоз, апелираа до градоначалничката, советниците и Владата да најдат заеднички прифатливо решение за нивното барање.