Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во понеделникот објави дека експерти за железнички транспорт ќе отпатуваат за Атина по несреќата во Грција минатата недела во која загинаа 57 лица. „Безбедноста на железницата е најважна“, напиша Фон дер Лајен на Твитер по разговорот со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во понеделникот.
Тие разговараа за „понатамошна техничка поддршка што ЕУ може да и ја обезбеди на Грција за да ги модернизира нејзините железници и да ја подобри безбедноста на железничкиот сообраќај“, напиша таа. Поради несреќата во Грција е приведен шефот на станицата во градот Лариса, а железничарите продолжуваат со штрајкот и протестите.
Најтешката железничка несреќа во историјата на Грција
Адвокатот на приведениот шеф на станицата во понеделникот изјави дека неговиот клиент во неделата бил испрашуван од истражителите повеќе од седум часа. Доколку биде прогласен за виновен за убиство од небрежност, може да добие казна од најмалку десет години затвор, но и доживотен затвор.
Тоа е најтешката железничка несреќа во историјата на Грција. Грчките железничари во понеделникот стапија во штрајк шести ден по ред, изразувајќи незадоволство од безбедноста на железничката мрежа во земјата. Синдикатите тврдат дека безбедносните стандарди се ослабени со текот на годините и дека на железничкиот систем му е очајна потреба од итно реновирање и јавни инвестиции.