При сообраќајка на патот Тетово-Јажинце пронајдено оружје во автомобил, истрага против две лица

– Основното јавно обвинителство Тетово донесе наредба за спроведување истражна постапка против еден косовски и еден македонски државјанин, кои се осомничени за кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“. 

-Двајцата, во патничко возило „Фиат браво“ со косовски регистарски ознаки, неовластено држеле пиштол марка „Црвена застава“ со една рамка во која имало четири куршуми со калибар 6.35 мм, како и пиштол „ЕRМА WERKE“. Оружјето било пронајдено на 10 октомври кога двајцата осомничени со возилото учествувале во сообраќајна несреќа на регионалниот пат Тетово-Јажинце. Во несреќата возилото излетало од патот и се превртело, осомничните со телесни повреди биле пренесени во болница, а при извршениот увид полициските службеници го пронашле оружјето во возилото, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Тетово поднесел предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Судијата го прифатил предлогот и им определи притвор во траење од по 30 дена.