ПРОГНОЗА ЗА ЕВРОПА – AccuWeather ја објави пролетната прогноза: Поплави и невреме на Балканот, температури повисоки од вообичаените
Во големата пролетна прогноза на AccuWeather се наведува дека долгорочната зимска шема ќе продолжи во некои европски земји, додека некои делови од нашиот континент малку подоцна ќе се соочат со потенцијално опасни бури.
Вечерва го означува астрономскиот почеток на пролетта, а стручниот тим на меѓународни прогнозери на AccuWeather објави детали за тоа како ќе изгледа претстојната пролетна сезона во Европа.
Според Meteo France, низа од 32 последователни дена без мерливи врнежи (помалку од 1 мм дожд дневно) е забележана од 20 јануари 2023 година до 21 февруари 2023 година. Ова постави нов рекорд за најдолга последователна серија на денови без мерливи врнежи од 1959 г.
И додека се стравува од можна суша поради ваквите појави, невремето во југозападна Европа и зголемувањето на пролетните врнежи во јужните региони предизвикуваат загриженост кај метеоролозите за можни поплави во Италија и на Балканот.
„Со оглед на тоа колку е топло Средоземното Море, бурите би можеле да обезбедат дополнителна влага и да доведат до зголемени закани од поплави. Ова е особено загрижувачко за западните падини на Апенините и Динарските Алпи“, рече Тајлер Ројс, виш метеоролог во AccuWeather.
Поголемиот дел од Југоисточна Европа, вклучително и нашиот регион, во вториот дел од пролетта ќе се соочи со натпросечни температури. Од Рим до Букурешт, температурите во средината на март беа на ниво на оние типични за крајот на април, а овој тренд на затоплување ќе продолжи и во текот на следните месеци придружени со повремени дождови. Невреме треба да се очекува и на Балканот кон крајот на пролетта.