‘ПРОДОЛЖЕНАТА РАКА НА КРЕМЉ ВО ЕУ’ – Унгарија ја блокираше заедничката изјава на земјите-членки за хашкиот налог за апсење на Владимир Путин

Унгарија го блокираше заедничкото соопштение на земјите-членки на Европската унија за налогот за апсење на претседателот на Русија, Владимир Путин издаден од Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, пишуваат украинските медиуми.

Поради ветото на Унгарија, високиот преставник за дипломатија на ЕУЖозеп Борел, се огласи само во свое име и во него се наведува дека ја поздравува одлуката на Меѓународниот кривичен суд.

Овој потег е само почеток за да се бара одговорност од Русија за злосторствата во Украина, а исто така е важна одлука за меѓународната правда и за Украинците“, посочи Борел во неделата.

Освен него, министрите за правда на земјите членки на ЕУ излегоа со заедничка изјава во која ја поддржаа одлуката на Меѓународниот кривичен судУнгарија, повторно, не ја потпиша ниту оваа изјава.

Налогот за апсење на Владимир Путин се очекува да биде разгледан на самитот на Европскиот совет на 23. и 24. март, пишува Bloomberg, кој наведува дека заклучоците би можеле да бидат слични на изјавата на Борел.

Но, според Bloomberg, некои лидери на ЕУ може да бараат уште посилна и појасна осуда на Владимир Путин и поддршка за одлуката на МКС.