– Сојузниците на НАТО се согласија да го продолжат мандатот на генералниот секретар Јенс Столтенберг до октомври 2024 година, пренесува Анадолу.
Наведувајќи дека е почестен со одлуката, Столтенберг на Твитер објави:
„Трансатлантската врска меѓу Европа и Северна Америка ја обезбедува нашата слобода и безбедност речиси 75 години, а во поопасен свет, нашиот сојуз е поважен од кога и да е.“
Норвешкиот политичар Столтенберг (63) од 2014 година ја извршува функцијата 13-ти генерален секретар на Алијансата.
Одлуката е донесена за време на извештаите за недостиг на договор за можен наследник на Столтенберг, при што голем број сојузници сакаат да ја задржат цврстата рака на чело на НАТО, бидејќи руската војна против Украина продолжува да претставува континуиран предизвик за Алијансата.
„Мандатот на генералниот секретар Јенс Столтенберг беше продолжен три пати“, изјави портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску, во февруари, кога Столтенберг се спротивстави на уште едно продолжување на мандатот.