Продолжуваат протестите во Белград: Демонстрантите бараат расветлување на сомнежите за изборните нерегуларности

 – Во Белград денес продолжија протестите со барање за истрага и расветлување на сомнежите за изборните нерегуларности во Србија.

Демонстрантите, главно студенти, се собраа во 11 часот пред Министерството на државната управа и локалните самоуправи во Белград, а им се приклучија и демонстранти од Нови Сад.

Демонстрантите пред насобраните ги прочитаа своите критики и барања, а првата точка се однесува на неправилностите при изработката на избирачките списоци и регистрацијата на гласачите.

Се сомневаат во грабеж на гласови на изборите и неправилно ракување со изборниот материјал.

Повикувајќи се на уставното право на слободни избори, демонстрантите рекоа дека секој поединец има право на избор и дека тука не смее да има присила.

Бараат проверка и ажурирање на избирачките списоци и истрага за сомнежите за кражбата на гласови.

Како што претходно најавија дека доколку од Министерството за државна управа и локалните самоуправи не добијат афирмативен одговор на нивните барања, демонстрантите го продолжија протестот со блокада на сообраќајот на две локации во главниот град на Србија.

Од друга страна, началникот на Управата на полицијата, Ивица Ивковиќ, изјави дека за „денес очекуваат блокада на Министерството и на Бранковиот мост“, не прецизирајќи дека студентите се тие што ќе го блокираат мостот“. Тој додаде дека „блокадата на државните институции и мостови нема да биде толерирана“ и дека ќе бидат поднесени пријави.

Белград од минатата недела е место на протести на кои повикува коалицијата „Србија против насилството“ со барање за поништување на изборите, поради нерегуларности. Протестите се одржуваа пред Републичката изборна комисија со почеток во 18 часот.