– Во Демир Хисар е промовирана монографијата „30 години КУД Илинден“ на авторот Златко Бошевски.
Монографијата е посветена на јубилејот на КУД „Илинден“ – Демир Хисар, а ја промовираа професорот Влатко Стојковски, поетесата Билјана Солунчевска, културниот работник Антонио Павловски и историчар и актуелен директор на Домот на култура во Демир Хисар, Славче Велјановски.
-Делото „30 години КУД Илинден, Демир Хисар” од авторот Златко Бошевски се издава и во негов спомен бидејќи записите и фотографиите, посебно за периодот од 1993 до 2018 година, се дело на неговиот труд и заложби направени пред неговото упокојување. Ваквата идеја која што грижливо била чувана во компјутерските архиви на матичната установа Дом на култура „Илинден”, токму кога се одбележуваат 30 години постоење на КУД „Илинден” – Демир Хисар, ја дочекува светлината на денот, истакнаа промоторите во Демир Хисар.
Во монографијата содржани се текстови на повеќе личности кои на разни начини имале свој придонес или поврзаност со работата на КУД „Илинден”.
Промоцијата беше збогатена со рециталот „Македонија”, подготвен според истоимената песна на поетот Анте Поповски и музички перформанс од страна на членови на оркестарот на друштвото.
Во рамки на јубилејот, вечер во Домот на културата во Демир Хисар, КУД „Илинден“ ќе одржи концерт.